
Екстремниот топлотен бран продолжува да ги погодува Централна и Источна Европа, при што во неколку земји се соборени температурни рекорди, додека сушите и високите температури предизвикаа проблеми со енергетиката и го зголемија ризикот од шумски пожари, пишува „Гардијан“.
Словачка, Австрија и Унгарија забележаа рекордни температури. Словачката хидрометеоролошка агенција соопшти дека во Долни Плахтинце вчера се измерени рекордни 42 степени Целзиусови.
Во Полска властите беа принудени привремено да ги затворат термоелектраните на јаглен Козенице и Полањец поради исклучително нискиот водостој на реката Висла, што ја ограничи достапноста на вода за ладење на постројките. Со тоа од електроенергетскиот систем беше отстранет капацитет од околу 1,3 гигавати. Полскиот премиер Доналд Туск ги повика работодавачите да ги заштитат работниците за време на жештините и да обезбедат клима-уреди и доволни количини ладна вода.
Во Германија климатските активисти протестираа пред кабинетот на канцеларот, барајќи поголем ангажман на властите во заштитата на населението од екстремните температури. Според новите проценки на Институтот „Роберт Кох“, околу 11.900 луѓе во земјата починале од последици од жештините ова лето.
Во Унгарија, премиерот Петер Маѓар соопшти дека нуклеарната централа Пакш, која привремено беше исклучена, повторно ќе биде ставена во погон. Тој исто така посочи дека нивото на Дунав е зголемено, но дека и понатаму се очекува голема потреба од намалување на потрошувачката на електрична енергија.
Експертите предупредуваат дека долготрајните жештини и сушата, влошени од климатската криза, претставуваат голем притисок врз населението, инфраструктурата и природата. Еколозите истакнуваат дека енергетските системи засновани на фосилни горива сè повеќе трпат последици од екстремните временски услови.
Топлотните бранови дополнително ја исушија вегетацијата и ја зголемија опасноста од пожари. Според податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари, во Европската Унија од почетокот на годината изгореа околу 500.000 хектари, главно во Шпанија и Франција, додека во Украина изгореа дополнителни 292.000 хектари.
Австрија во средата забележа рекордни 41,2 степени Целзиусови, а размерите на пожарите се повеќе од двојно поголеми од претходниот рекорд за овој период од годината. Во Чешка условите што се погодни за пожари беа за повеќе од 50 отсто потешки од порано, додека во Словачка беа полоши за 32 отсто.
Според анализата на конзорциумот „Светска метеоролошка атрибуција“, глобалното затоплување ги направи минатомесечните услови со големи жештини, суша и ветер најмалку 20 пати поверојатни во Шпанија и двојно поверојатни во Франција.(МИА)

Македонски


