Skip to main content

Лазаров: Имињата не ја даваат целата слика, за да се направи тим треба да се работи

По неколкудневните тренинзи во Скопје кои беа воведни во подготвителниот процес за претстојната сезона, ракометарите на РК Алкалоид се преселија во Маврово каде што во многу подобри, пред сѐ временски услови ги полнат батериите за активностите што ќе ги очекуваат ракометарите кога на ред ќе дојде натпреварувачкиот дел. Тренерот Кирил Лазаров е задоволен од текот на подготовките.

– Задоволен сум од почетокот на подготовките, имаме добра атмосфера, квалитетни услови и работиме со голем елан и задоволство. Со оглед на тоа дека нашите конкуренти се засилуваат и Суперлигата станува посилна, се одлучивме за мали промени за да добиеме дополнителен квалитет и да останеме компетитивни и на домашна и на меѓународна сцена. Тоа што го создаваме и создадовме како квалитет го задржавме и се надополнивме со тројца искусни, квалитетни играчи кои треба да бидат додадена вредност. Имињата не ја даваат целата слика, за да се направи тим треба да се работи, да има дисциплина да се воспостави систем, изјави Лазаров за клупската веб-страница на Алкалоид.

Планот за подготовките е комплетен, договорени се контролни натпревари.

– Во текот на планирањето на подготовките неколкупати го менувавме планот затоа што не знаевме детали околу Регионалната лига, како ќе се игра. По дефинитивната одлука дека ќе учествуваме и откако го дознавме распоредот, одлучивме да останеме во Македонија и да одиграме неколку пријателски натпревари, иако веќе беше доцна. Доцна ни беше и да прифатиме да играме во Охрид и Струга, па ќе одиграме два пријателски натпревари со репрезентацијата на Египет, РК Нексе ќе биде наш гостин. А почнуваме овде на Маврово, со РК Прилеп. Првиот натпревар во Регионалната лига ни е со РК Партизан на 26 август, а дотогаш можеби ќе договориме уште еден натпревар, истакна Лазаров.

Поврзани вести