
Со исклучок на средниот блокер Филип Савовски, кој ќе пристигне на вечерниот тренинг, сите останати репрезентативци се појавија на првата прозивка на селекторот Јошко Миленкоски. Селекторот подготовките ги отвори со статистика и податоци за подготовките кои репрезентацијата ги имала за Евро Волеј 2023, потенцирајќи дека ќе бара сериозност, дисциплинираност и најави напорно темпо на работа.
Репрезентацијата во Крушево ја поздравија и потпретседателот на федерацијата, Ивица Хаџи Иљоски и генералниот секретар Филип Деспотовски.
Ви благодарам што го прифативте повикот. Посебно задоволство ми е што екипата е во истиот состав како претходно, што Миленкоски, како наш најтрофеен стратег ќе нè предводи на уште едно Европско првенство и што ја задржавме компактноста. Реални сме, не негуваме илузии и свесни сме за силината на противниците со кои ќе се соочиме на ЕП, но искрено се надевам на успех и верувам дека доколку ни се пружи шанса за пласман во втората фаза ќе ја искористиме. Екипата има искуство и добро знае што значи да се игра на ЕП и поради тоа не се сомневам дека секој од вас ќе даде максимум. Ви посакувам успешни подготовки и сите здрави да го дочекате почетокот на ЕП“ – истакна потпретседателот Хаџи Иљоски.
Репрезентацијата според распоредот на 7 септември наутро патува за Софија, додека два дена подоцна против домаќинот и еден од организаторите Бугарија го отвора настапот на Евро Волеј 2026.

Македонски


