
Секој шести жител на Европската Унија на возраст од 16 години и повеќе секојдневно користи тутунски и сродни никотински производи – покажуваат најновите податоци на Евростат, според кои во 2025 година е забележано благо намалување на нивната употреба.
Според статистиката објавена денеска, 16,5 проценти од населението во ЕУ секојдневно користи тутунски производи, електронски цигари, никотински кесички или производи со загреан тутун, што претставува намалување во однос на 17,5 проценти регистрирани во 2022 година.
Бугарија има највисока стапка на секојдневна употреба – 26,3 проценти, додека Холандија е на спротивниот крај со 9,9 проценти.
Податоците покажуваат дека 20,8 проценти од мажите секојдневно користат тутунски и сродни производи, наспроти 12,6 проценти од жените.
И кај двата пола е забележано мало намалување во однос на 2022 година, кога секојдневни корисници биле 22,2 проценти од мажите и 13,1 процент од жените.
Најголем удел на секојдневни корисници е регистриран кај возрасната група од 35 до 49 години, каде што изнесува 21,3 проценти.

Македонски


