
Повик за поднесување предлог за проект под наслов „Оптимално управување со Дојранското Езеро“, со цел зајакнување на прекуграничната соработка и заштита на животната средина на Дојранското Езеро, вреден над три милиони евра, потпиша заменик-министерот за национална економија и финансии на Грција, Никос Папатанасис, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за национална економија и финансии на Грција, повикот е во рамките на Програмата за соработка Interreg VI-A IPA за 2021 – 2027 меѓу двете соседни држави, а вкупниот буџет на повикот изнесува 3.071.591 евра.
Објаснија дека Децентрализираната администрација на грчките области Македонија и Тракија, како водечки партнер и Грчкиот центар за биотопи, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион од нашата земја „имаат за цел да развијат сеопфатна рамка за соработка меѓу надлежните институции на двете држави за заштита, мониторинг и одржливо управување со Дојранското Езеро.
Предвидените активности имаат за цел да ја зајакнат соработката меѓу надлежните национални и локалните власти и, меѓу другото, вклучуваат: поддршка на планови за еколошко и хидролошко управување со регионот; активности за информирање и подигање на свест кај населението на брегот на езерото, со акцентот на учениците, земјоделците и другите локални групи; изработка и спроведување на целосни еколошки стратегии за Дојранското Езеро; создавање и развој на заеднички структури и процедури за управување; инсталирање фотоволтаичен систем во Македонија со цел намалување на енергетските трошоци за работа на механизмот за дополнување на водите на езерото, набавка на специјализирана опрема и заедничко управување со клучните информации за животната средина, соопштија од грчкото Министерство.
Проектот е предвидено да трае 24 месеци од потпишувањето на договорот за финансирање, а со објавувањето на овој повик, според грчкото Министерство, целосно се активира вкупниот расположлив буџет на Програмата Interreg VI-A IPA меѓу двете земји за 2021 – 2027, во вкупен износ од 33 милиони евра.(МИА)

Македонски


