
Турција денеска ги повика Русија и Украина да ги преземат неопходните мерки за зачувување на безбедноста на поморскиот сообраќај во Црното Море, откако дрон погоди турски брод кај руското пристаниште Новоросиск при што тешко беа повредени тројца членови на екипажот.
Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека Анкара со голема загриженост ги следи нападите врз цивилни бродови во Црното Море, и покрај раните предупредувања.
„Длабоко сме загрижени поради ескалацијата на судирот меѓу Русија и Украина во Црното Море, која влијае врз цивилниот поморски сообраќај и покрај нашите бројни предупредувања. Внимателно ја следиме состојбата на нашите граѓани и ги преземаме неопходните чекори“, се наведува во соопштението на Министерството.
Анкара предупреди дека понатамошните напади би можеле да ги загрозат меѓународните синџири на снабдување и испораката на храна.
Кон крајот на мај Анкара предупреди на можноста од „неконтролирана ескалација“ во регионот по нападот со дрон врз турски товарен брод. Украинската морнарица соопшти дека руски дрон извршил напад врз бродот.
Тројца членови на екипажот се тешко повредени откако турскиот товарен брод „Надежда“ вчера беше нападнат со дрон во Црното Море, соопштија турските поморски власти.
Бродот пловел од руското пристаниште Новоросиск кон турското пристаниште Самсун кога бил нападнат, на околу 20 наутички милји од Новоросиск, наведено е во соопштението на Генералната дирекција за поморски работи на Турција.
На бродот се наоѓале 22 члена на екипажот, меѓу кои 13 турски државјани. Според првичните проценки, бродот претрпел оштетувања на просториите за сместување на екипажот и на предниот дел, додека пожарот на пловилото продолжил да гори.
По координацијата со рускиот Центар за координација на поморски спасувачки операции (MRCC) во Новоросиск, сите членови на екипажот безбедно биле евакуирани во руското пристаниште со помош на руски поморски единици.

Македонски


