
Кувајтскиот министер за нафта Тарик ал Руми, во интервју за јапонската новинска агенција Кјодо, изјави дека Кувајт води преговори со Саудиска Арабија и другите арапски држави за изградба на нов нафтовод, кој ќе ја заобиколи стратешката Ормуска Теснина.
Тој посочи дека извозот на нафта од Кувајт „целосно е запрен“ поради фактичкото затворање на Ормуска Теснина од страна на Иран. Според ал Руми ќе биде потребна „најмалку една година“ за да се обноват нафтените објекти оштетени во нападите, вклучувајќи ги и некои од резервоарите за складирање нафта.
Пред американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари Кувајт беше еден од главните снабдувачи на сурова нафта на Јапонија. Кувајт поради својата географска локација целосно е зависен од Ормуска Теснина.
– Додека мореузот останува блокиран, извозот на нафта е нула, наведе ал Руми.
Според него, една од рутите што се дискутираат би го поврзала Кувајт преку Саудиска Арабија со Црвено Море или Оман. Друга опција е поврзување со пристаништето Фуџаира, на источниот брег на Обединети Арапски Емирати, кое се наоѓа надвор од Ормуска Теснина и веќе се користи како алтернативен излез за снабдување со нафта.
– Моментално бараме најдобра и најисплатлива опција, наведе ал Руми, нагласувајќи дека изградбата на таков нафтовод би била исклучително голем и сложен проект.
Тој ги осуди иранските напади врз Кувајт и други земји од Персиски Залив, нагласувајќи дека земјата не започнала напади против Иран. Ал Руми најави и дополнително зајакнување на своите капацитети за воздушна одбрана.

Македонски


