
Напад со украински дрон врз најголемиот руски онлајн трговец „Вајлдберис“ (Wildberries) предизвика пожар во логистички центар во Владимирската област, источно од Москва, соопшти денеска компанијата.
Гувернерот Александар Авдеев изјави дека две лица се повредени во нападот.
Украина ги напаѓа објектите на „Вајлдберис“ од средината на јули, обвинувајќи го трговскиот синџир дека ги снабдува и потребите на руската армија во војната против Украина. Руските власти ги опишаа овие напади како терористички акти насочени кон цивилната инфраструктура, пренесе ДПА.
Нападот во Владимирската област, на околу 190 километри источно од Москва, е 18-ти по ред врз објектите на „Вајлдберис“, јавија руските медиуми. Економските аналитичари проценуваат дека компанијата досега изгубила околу 20 отсто од својот магацински капацитет поради нападите, а вкупната штета се проценува на 280 милијарди рубли (околу 3,5 милијарди долари).
Истовремено, од Белгород пристигнуваат извештаи за напади врз техничкиот универзитет во тој град. На социјалните мрежи циркулираат снимки кои сè уште не можат независно да се потврдат, а на кои наводно се гледа како зградата на универзитетот е зафатена од пожар.
Рускиот Телеграм-канал „Пепел“ јави дека објектот целосно изгорел. Засега нема официјални информации од властите во врска со овој инцидент.
Институцијата се смета за регионален центар за развој и тестирање на дронови

Македонски


