
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порача дека нема да дозволи, како што наведуваат, омразата и песимизмот да станат „национална идеологија“, оценувајќи дека државата треба да продолжи по патот на економскиот развој, стабилноста и зачувувањето на националните интереси.
Во соопштението се прави паралела меѓу историските борби за создавање на македонската држава и денешните предизвици, при што од партијата истакнуваат дека актуелната генерација политичари има обврска да изгради посилна, поправедна и економски поуспешна Македонија во која младите ќе ја гледаат својата иднина.
ВМРО-ДПМНЕ упатува остри критики кон политичките противници, обвинувајќи ги дека, наместо да понудат идеи и програми, шират песимизам, дефетизам и омраза, како и дека се подготвени на, како што наведуваат, „нови предавства“ за да дојдат на власт.
Од партијата нагласуваат дека нема да прифатат отстапки по националните и идентитетските прашања на евроинтегративниот пат и ги повикуваат граѓаните да не, како што велат, „паѓаат во замката“ на политичките пораки што создаваат недоверба и поделби.
Во соопштението се наведува и дека борбата за иднината на младите, владеењето на правото, борбата против криминалот и создавањето подобри услови за живот остануваат меѓу главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата порачува дека ќе продолжи да се залага за, како што наведува, обединето и достоинствено општество во кое надежта ќе биде двигател на развојот.

Македонски


