Skip to main content

Шестмина приведени по споделеното видео каде што се урла и се пука на семејна веселба

Полициски службеници од СВР Тетово во врска со објавеното видео на социјалните мрежи за пукање на семејна веселба во Добридол, гостиварско, извршија претреси на повеќе локации, при што се приведени шест лица, а едно лице е повикано на службен разговор. При претресите се пронајдени и одземени оружје и муниција, соопштија од МВР.

Во 18:00 часот е извршен претрес кај И.С. (21) од село Добридол, а во 18:05 часот, кај А.И.(30) од с.Добридол, при што е пронајден и одземен еден гасен пиштол. Во исто време е извршен претрес и кај И.Б.(25) од с.Добридол. Во 18:15 часот е извршен претрес во домот на Б.А. во с. Добридол, при што се пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, додека во дворот се пронајдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје. Од слобода се лишени Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21) од с.Добридол. Потоа, во 18:25 часот извршен е претрес кај Т.М.(26) од с.Добридол, при што се пронајдени и одземени еден пиштол со осум куршуми, една ловна пушка со седум куршуми и еден гасен пиштол, по што тој е лишен од слобода, а С.М. е повикан на службен разговор, објави вечерва МВР.

Сите лица се приведени во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На видеата, кои се проширија на социјалните мрежи, се гледаат лица качени на автомобил додека во позадина се слуша гласна музика, а неколкумина испукуваат куршуми во воздух. Граѓаните побараа институциите да реагираат, предупредувајќи дека ваквото однесување претставува сериозна опасност за јавната безбедност.

Поврзани вести