Skip to main content

Санкциониран танкер испушта нафта во морето кај Оман, се стравува од ширење на дамката

Танкерот „Керолајн Безенги“, кој се наоѓа под меѓународни санкции, испушта нафта во морето крај брегот на Оман, а нафтената дамка во последните денови се прошири, што предизвикува загриженост за можните последици врз животната средина во крајбрежните области, покажува анализата на сателитските снимки и податоците на експертите за поморски сообраќај.

Податоците за следење на бродовите покажуваат дека танкерот натоварил руска нафта во црноморското пристаниште Новоросијск пред да исплови на своето последно патување.

Бродот на 8 јуни пријави проблеми во близина на јеменското пристаниште Мукала, а два извори од областа на поморската безбедност наведоа дека првичните проценки укажуваат дека на танкерот дошло до експлозија.

Сателитска снимка од вчера прикажува темна нафтена дамка во морето во близина на танкерот, како и посветли траги северно од островот Ал Киблијах, кој се наоѓа крај брегот на Оман и е дел од заштитено морско подрачје.

Експертот за далечинска детекција од холандската мировна организација „Пакс“, Вим Звајненбург, оцени дека сателитските снимки укажуваат оти најмалку еден дел од трупот на бродот е пробиен и дека танкерот испушта сирова нафта.

Тој предупреди дека сезоната на монсуните, која достигнува врв во јули и август, може да придонесе за брзо ширење на нафтата поради неповолните временски услови.

Анализата на сателитските снимки исто така покажува дека танкерот веројатно е накривен на една страна, додека одделни поморски експерти предупредуваат дека постои ризик од негово пукање.

Портпаролот на Меѓународната поморска организација (ИМО) на Обединетите нации изјави дека бродот засега не е пукнат, но дека надлежните разгледуваат мерки за спречување на безбедносните и еколошките ризици и дека ситуацијата внимателно се следи.

Танкерот „Каролајн Безенги“ се наоѓа под санкции на Европската Унија и Велика Британија поради наводна вмешаност во превоз на руски енергенси.

Засега не се знае дали експлозијата на бродот била предизвикана од евентуален украински напад врз танкери поврзани со Русија или инцидентот е поврзан со судирите на Блискиот Исток.