
„Шел“ се согласи да ја продаде својата подружница „BG Cyprus“ на унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ (MOL Group) за сума што може да достигне до 720 милиони долари, јави кипарскиот весник „Филелефтерос“.
Преку „BG Cyprus“, „Шел“ поседува малцински удел од 35 отсто во кипарското офшор наоѓалиште на природен гас „Афродита“. Со наоѓалиштето, кое се наоѓа во кипарската ексклузивна економска зона во Медитеранот, управува кипарската подружница на „Шеврон“, која има удел од 35 отсто.
„Шел“ преку „BG Cyprus“ исто така поседува 35 отсто, но без учество во управувањето, додека израелската „ЊуМед Енерџи“ (NewMed Energy) ги има преостанатите 30 отсто, но исто така не учествува во управувањето.
Наоѓалиштето „Афродита“ беше откриено во 2011 година и се проценува дека располага со резерви од околу 100 милијарди кубни метри природен гас. Се очекува комерцијалното производство од „Афродита“ да почне во 2031 година.(МИА)

Македонски


