Skip to main content

Значително се намалува бројот на заболени во Гостивар, само 36 прегледи во еден ден

Епидемиолошката состојба во Гостивар продолжува да се стабилизира, а бројот на граѓани кои бараат лекарска помош поради стомачните тегоби бележи значителен пад, информира Министерството за здравство.

Според официјалните податоци, во текот на вчерашниот ден во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи, што е за 37 помалку во однос на претходниот ден, кога биле евидентирани 73 пациенти. Во моментов, на болничко лекување се задржани четири пациенти.

Од почетокот на следењето на состојбата, во двете здравствени установи се реализирани вкупно 4.483 први прегледи. До надлежните институции се доставени 1.014 пријави за заразна болест, а досега се обработени 706 нови епидемиолошки анкети, што претставува покриеност од околу 70 проценти.

Од Министерството за здравство посочуваат дека надлежните институции и натаму спроведуваат засилен епидемиолошки надзор, ги обработуваат податоците, вршат анкетирање на пациентите и ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на населението.

Иако намалувањето на бројот на нови пациенти е охрабрувачки показател и укажува на подобрување на состојбата, здравствените власти нагласуваат дека ситуацијата и понатаму внимателно се следи.

Поврзани вести