Skip to main content

Паразит во „ајсберг“ салата зарази над 6.700 луѓе во САД

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) до 27 јули регистрирал 6.707 лабораториски потврдени случаи на циклоспоријаза – заболување предизвикано од паразитот Cyclospora, кој бил поврзан со консумирање контаминирана ајсберг салата.

Бројот на заразени и натаму расте, а здравствените власти истражуваат повеќе жаришта на инфекцијата. Паразитот предизвикува цревни тегоби, меѓу кои и пролив, а според американските медиуми, илјадници луѓе се разболеле по консумирање сечкана салата во ресторански оброци.

Првите случаи биле регистрирани во рестораните на синџирот „Тако Бел“ во Индијана, Кентаки, Мичиген, Охајо и Западна Вирџинија. Подоцна, инфекции биле пријавени и во Илиноис, Канзас, Оклахома и Пенсилванија.

Случајот веќе има последици и врз работењето на големите синџири ресторани. „Тако Бел“ во периодот од јули до септември забележал пад на продажбата од два проценти, што компанијата го поврзала со загриженоста на потрошувачите за безбедноста на храната.

Компанијата во меѓувреме ја повлекла спорната салата, која ја набавувала од компанијата „Тејлор Фармс“, по што почнало закрепнување на продажбата. Од „Тако Бел“ оценуваат дека брзата реакција и навремената комуникација со потрошувачите преку социјалните мрежи придонеле за враќање на довербата.

– Со почит кон чувствата на нашите потрошувачи, забележавме напредок откако тие ја разбраа природата на проблемот. Стана јасно дека случајот не е специфично поврзан само со „Тако Бел“ – изјавил Крис Тарнер, извршен директор на „Јум Брендс“, компанијата во чија сопственост е синџирот.

Од своја страна, „Тејлор Фармс“ ја повлекла истата ајсберг салата и од пазарот во централниот дел на Мексико.

Иако другите големи синџири ресторани не биле именувани во официјалните истраги, и тие ги чувствуваат последиците од ширењето на заразата. „Чипотле Мексикан Грил“ ја намалил прогнозата за раст на продажбата за периодот од јули до септември – од првично очекувани три на само еден процент, поради намалениот број гости.

Истражувачките компании регистрирале и пад на посетеноста и потрошувачката во синџирите ресторани за салати „Чопт“ и „Свитгрин“. Од „Свитгрин“ соопштиле дека нивната храна не е поврзана со актуелната епидемија и нагласиле дека применуваат строги стандарди за безбедност на храната, како и дека можат да го следат потеклото на сите состојки – од ресторанот до фармата.

Проблемите со заразата доаѓаат во период кога цените на ајсберг салатата во САД веќе се зголемени во споредба со минатата година. Причина за тоа се невообичаено високите температури во Аризона, која произведува околу една третина од американските залихи на оваа намирница.

– Невообичаено високите температури во Аризона на почетокот на годината предизвикаа предвремено созревање на посевите. Тоа доведе до значителни прекини во снабдувањето, сè додека производството во Калифорнија не започна кон крајот на април – објаснила Елизабет Каналес.

Иако цените на дел од готовите мешавини за салата во меѓувреме се намалиле, ајсберг салатата и натаму е поскапа во споредба со истиот период минатата година.

Поврзани вести