Skip to main content

Патник кој преживеа драматичен инцидент на лет на „Рајанер“: Ми понудија само нов билет

Социјални мрежи

Љубиша Каровиќ од Србија, кој беше повреден во драматичниот инцидент на летот FR1879 на „Рајанер“ од Солун кон германскиот Меминген, вели дека две недели по несреќата од авиокомпанијата добил само понуда за нов лет и кратка порака испратена на електронската адреса на неговиот син.

Инцидентот се случил на 10 јули, кога по неконтролиран дефект на десниот мотор бил оштетен дел од авионот, при што се скршил прозорецот до седиштето на Каровиќ. Поради тоа дошло до нагло губење на притисокот во кабината.

Каровиќ раскажува дека во моментот на несреќата спиел и веднаш ја изгубил свеста. Според неговото сведочење, сопругата и неколку патници успеале да го задржат и да го извлечат назад во авионот, со што му го спасиле животот.

Во несреќата се здобил со изгореници од триење, модринки и други повреди, а и две недели подоцна, како што вели, има проблеми со спиењето и носи ортопедска крагна.

Неговата сопруга изјавила дека токму патниците реагирале во најкритичниот момент, додека членовите на кабинскиот екипаж не интервенирале веднаш. Од „Рајанер“, пак, соопштија дека екипажот постапил согласно безбедносните процедури, му обезбедил медицинска помош на повредениот патник и безбедно го вратил авионот на аеродромот во Солун.

Семејството веќе ангажирало адвокат и најавува барање за значителна отштета. Каровиќ вели дека никој од авиокомпанијата не го контактирал лично по несреќата, додека од „Рајанер“ тврдат дека нивниот тим бил во постојана комуникација со семејството.

Истрагата ја води американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), кој настанот го опиша како неконтролиран дефект на моторот проследен со декомпресија на кабината. Причината за инцидентот сè уште не е утврдена.

Поврзани вести