Skip to main content

Тинос – островот на чудотворната икона на Богородица до која верниците стигнуваат на коленици

Веќе 21 година доаѓам секоја година, секојпат на колена да ѝ се поклонам на Мајката Божја за здравје и да ми даде сила; ова е трет пат што на колена ги поминувам овие, не знам колку се, сигурно се 500 метри до светиот храм, вели за МИА еден од верниците, кој, како и другите ја почитува традицијата, и на колена пристигнува во црквата Пресвета Богородица на Тинос – грчкиот остров што речиси два века е духовното срце на Грција, а каде што во грандиозниот црковен комплекс се наоѓа чудотворната икона на Богородица, за која се верува дека има исцелителна моќ и пред која илјадници верници се поклонуваат, за да остават заветен дар, познат во Грција како „тама“, најчесто за здравје.

Чудотворната икона била откриена во 1823 година по виденијата на монахињата Пелагија, а на местото на пронаоѓањето била изградена црквата Пресвета Богородица Евангелистрија (Благовестителка), што сега е дел од голем црковен комплекс што се издига над главниот град на островот.

Локалните жители Пресвета Богородица ја сметаат за нивна заштитничка, островот е директно поврзан со неа, а црквата доста често се нарекува Богородица на Тинос.

Дописничката на МИА го посети Тинос, третиот по големина остров од групата Киклади, на површина од 197 квадратни километри, со 8.934 жители, сместен меѓу Андрос и Миконос, остров што е еден од најважните места за поклонение, главна дестинација за религиозен туризам, а во последните години станува сѐ попопуларно место за летен одмор, нудејќи плажи со тиркизна вода и ноќен живот за младите, но и остров директно поврзан со мермерот, невообичаените гулабарници, со 60-ина села и според, локалните жители, со над 1.000 цркви и параклиси. Тинос, патем, го нарекуваат и остров на ветрот.

Поразговаравме со верници, кои на островот стигнале специјално за чудотворната икона и исклучиво за „тама“ – да се поклонат и да остават завет или пак да ѝ се заблагодарат на Богородица, со туристи – странски и домашни, кои во рамките на летниот одмор ја посетуваат црквата за да запалат свеќа, но и со протопрезвитерот Георгиос Фанерос, генералниот архијерејски намесник на Светиот остров Тинос. Тој ни ја раскажа историјата на црквата, рече дека секојдневно живеат чуда и завети и објасни дека некои верници доаѓаат затоа што дале завет поради некој проблем, а други за да ѝ се заблагодарат на Богородица за тоа што претходно го побарале.

Патувањето од Атина трае меѓу два и три часа со брзите бродови, секојдневно има по над десет траекти што сообраќаат до островите и една од попатните станици е Тинос, а бродовите во текот на летниот период пристигнуваат полни.

Пристаништето на Тинос е во Хора, името што во Грција се користи за главните градови на островите, а по излегувањето од траектот во центарот на градот е главната улица-булеварот „Мегалохари“, што во превод значи „Богородица на големиот благодет“, еден од најпознатите и најупотребувани изрази за Пресвета Богородица во Грција, особено на островот.

Специјална патека долж улицата за поклониците, кои на колена стигнуваат до црквата

Уште од малото пристаниште со јахтите и чамците, на крајот на улицата се издига црквата, а по околу седум-осум минути пеш по мала угорнина се стигнува пред вратите на црковниот комплекс што зрачи со грандиозност.

Пристапот е лесен, пеш или со автомобил, од пристаништето постојат и автобуси за оние кои веднаш штом се закотви бродот планираат веднаш да ја посетат црквата, со оглед на тоа што не е мал бројот на верници, кои на островот доаѓаат на само неколку часа и само за да се поклонат пред чудотворната икона.

Од друга страна, за оние кои планираат на колена да стигнат до портите, на почетокот на главната улица од десната страна, веднаш до тротоарот има специјална патека со килим и поставени сообраќајни конуси што го забрануваат паркирањето на автомобилите, за да им се овозможи непречено движење на верниците кон Пресвета Богородица.

Црвениот килим продолжува и во внатрешноста на комплексот, по скалите, се до влезот на црквата.

По целиот пат има продавници со црковни предмети, икони, крстови, бројаници, кандилца, темјан, свеќници, мали шишиња за осветена вода, молитвеници, приврзоци со религиозни мотиви, различни видови на плочки што се користат како заветен дар (тама), како и свеќи во различни големини – од обични до еднометарски.

Онаму каде што завршува поклоничката патеката – една од најпознатите, а веројатно и единствената траса со толку големо верско значење во Грција и точно спроти црковниот комплекс поставена е импресивна бронзена скулптура „Мајка поклоничка“, дело на грчкиот вајар од Тинос Тодорис Покамисас.

Скулптурата поставена во 1992 година, прикажува поклоничка која на колена се приближува кон црквата, со крената рака во молитвено обраќање кон Пресвета Богородица, токму како и верниците.

Црковниот комплекс е голем и простран, но највпечатлив е Соборниот храм на Пресвета Богородица од 19 век, изграден токму онаму каде што била најдена чудотворната икона, а го носи името Евангелистрија односно Благовестителка или народно позната како Богородица од Тинос.

Светиот храм е стар речиси два века, а протопрезвитерот Георгиос Фанерос ни објасни дека се започнало кога монахињата Пелагија која живеела во женскиот манастир на Тинос во јули 1822, три пати, три недели по ред на сон ја видела Пресвета Богородица која во виденијата ѝ кажала дека на одреден имот, недалеку од градот, е закопана света икона.

Чудотворната икона

Пелагија првично не била сигурна за привиденијата, но по третото во кое пораката била повторена и јасна, им се доверила и исповедала на игуменијата на манастирот, на епитропот и на тогашниот митрополит.

По ова, во септември 1822 година започнале ископувања на местото што го посочила монахињата, пребарувањето траело со месеци и случајно биле откриени остатоци и темели на постара црква посветена на свети Јован Крстител.

Било одлучено, на тоа место да се изгради нова црква Животодавен Извор (што сега се наоѓа на приземјето, под Светиот храм на Пресвета Богородица), а името било дадено поради водата што на чудесен начин извирала од длабок бунар што претходно сите го сметале за пресушен.

Изградбата започнала речиси веднаш и брзо напредувала, но светата икона од видението на монахињата сè уште не била пронајдена, ниту пак, според преданијата, некој очекувал дека ќе се најде.

Но, на 30 јануари 1823 година, додека работниците го рамнеле земјиштето била пронајдена иконата на Пресвета Богородица, пресечена на средината од удар од копач, натрупана со земја и речиси јагленосана на задната страна од оган.

Откако внимателно била исчистена јасно се појавиле ликовите на Пресвета Богородица и Архангелот, без никакво оштетување, и покрај тоа што иконата била расцепена по должина.

Пронаоѓањето предизвикало радоста кај присутните, а жителите на островот почнале да се собираат за да ја видат и да ѝ се поклонат.

Според преданијата, во тој период Тинос бил зафатен од смртоносна чума што почнала да стивнува уште од почетокот на изградбата на светиот храм, а по пронаоѓањето на иконата многумина што биле заболени оздравеле, повикувајќи ја помошта на Пресвета Богородица.

Затоа и денес, во голем број пристигнуваат во црквата за да се помолат за здравје.

Пред влезот, тивко и трпеливо чекаат ред за да запалат свеќа, да се помолат пред чудотворната икона, да побараат помош од Богородица или да ѝ се заблагодарат што ги послушала нивните молитви.

Во деновите кога температурата беше висока, а сонцето најсилно, на оградата беа закачени чадори кои верниците можеа да ги искористат за заштита од сончевите зраци додека чекаат да влезат.

При влегувањето во Светиот Храм прво што се забележува е чудотворната икона поставена на мермерен постамент, а голем впечаток оставаат и илјадниците сребрени и златни заветни дарови-плочки со срца, делови од телото, бродови, чамци, куќи, што ги оставаат верниците и немо сведочат за нивните молитвени молби, најчесто поврзани со здравствени проблеми.

Станува збор за „тама“ – заветното ветување, заветниот дар што верниците ѝ го принесуваат на Пресвета Богородица.

Внатрешноста на црквата буквално е исполнета со вакви заветни дарови, а зад секој еден од нив постои приказна, историја, болка, мака или пак радост на верниците.

Заветниот дар не е секогаш барање, понекогаш е и заблагодарување до Пресвета Богородица.

Особено е голем бројот на оние во облик на брод, што ја симболизираат заштитата на морепловците, спасението на море или благодарноста за успешно надминато животно искушение.

Црковните службеници, за МИА, како пример го посочуваат сребрениот едреник од средината на 19 век, со морско животно, слично на кит кое, како што објаснуваат, го затворило оштетувањето на бродот, спречило навлегувањето на вода и потонување, по што продолжил безбедно да плови.

Но, и црковниот светилник во облик на портокалово дрво со позлатени плодови од грчки иселеник од САД, кој бил слеп и дал завет дека, доколку повторно прогледа, на Богородица ќе ѝ го принесе првото нешто што ќе го види. Откако му се вратил видот, го исполнил својот завет со овој уникатен дар.

Некои оставаат заветни дарови, но сите се поклонуваат и молат пред чудотворната икона, палат свеќа, а не е мал бројот на оние кои со солзи во очите ја напуштаат црквата, држејќи ја в раце кесичка со масло од кандилото на светата иконата, што бесплатно може да се добие од црковните службеници.

Со оглед на тоа што чудотворната икона била пронајдена во период на војната за независност на Грција од 1821 година, се верува дека пред откривањето дало поттик за грчкиот народ, а островот го посетиле и ѝ се поклониле на иконата истакнати личности од револуцијата, кои како заветни дарови оставиле лични предмети, денес зачувани во музејот.

Храмот денес претставува симбол на верата, надежта и благодарноста, нешто што го посочуваат и самите верници.

Сретнавме две повозрасни жени кои од градот Игуменица во западна Грција дошле на Тинос само за на колена да се поклонот пред чудотворната икона и да побараат здравје и сила.

Веќе 21 година доаѓаме секоја година. Секоја година ѝ се поклонуваме на Мајката Божја, на колена, понизно, онака како што е редот. Порано на колена стигнувавме од пристаништето, сега со текот на годините, постари сме и ни е потешко, па затоа со лазење почнуваме од самиот влез на комплексот и така се искачуваме по скалите до влезот на црквата, објаснува за МИА една од жените.

Црквата Животодавен Извор или „Пронаоѓање“- местото каде што била откриена иконата

Црквата Животодавен Извор (Зоодохос Пигис) претставува уште едно свето и значајно место за посета, бидејќи токму тука била пронајдена чудотворната икона и затоа е позната и под името „Евреси“ што во превод значи „Пронаоѓање“.

Местото на пронаоѓањето на иконата денес е точно обележано со натписот: „И од утробата на земјата се појави светата икона – 30 јануари 1823 година“.

Веднаш до него се наоѓа и мала чешма со вода, која се сметаат за света и верниците земаат со себе во шишиња како благослов.

Во малата црквичка се вршат крштевања, не само на бебиња и мали деца, туку постои посебен дел со крстилница и за возрасни, но и за оние кои сакаат да ја сменат верата, за кои црковни службеници коментираат дека ги има во голем број, особено муслимани кои сакаат да станат православни христијани.

Во централниот дел зачуван е дел од стариот храм посветен на свети Јован Крстител, кој постоел на истата локација пред изградбата на денешниот црковен комплекс.

Секоја година на 30 јануари во црквата свечено се одбележува празникот „Пронаоѓање на чудотворната икона“, кога се одржуваат богослужби и традиционалниот обичај „Фенерчиња“, при што верниците носат запалени фенери исто како и на денот кога била откриена иконата и кога жителите од сите села на Тинос со фенери во рацете, уште истата вечер, се упатиле кон градот за да ѝ се поклонат.

Со Светиот храм и целиот црковен комплекс управува „Панхеленската света фондација Евангелистрија на Тинос“, основана, веднаш по пронаоѓањето на чудотворната икона и има статус на правно лице од јавен интерес, работи под надзор на грчката држава, а приходите произлегуваат од придонеси на верниците, од такси за верски обреди, од закупнини на недвижности итн.

За време на посетата на Тинос, дописничката на МИА од Атина поразговара со протопрезвитерот Георгиос Фанерос, генералниот архијерејски намесник на Светиот остров Тинос, кој се осврна на заветните дарови, нивното значење, но и на историјата на црквата.

Тој вели дека според податоците што ги добиваат од крајбрежната служба на Тинос, бројот на поклоници е околу еден милион годишно и објаснува дека некои верници доаѓаат затоа што дале завет поради некој проблем, а други за да ѝ се заблагодарат на Богородица за она што претходно го побарале.

Протопрезвитер Георгиос Фанерос за МИА: Секојдневно ги живееме чудото и заветот

Секој човек носи свое искушение и свој проблем. Пред сè тука доаѓаат луѓе кои имаат здравствени проблеми и бараат исцелување. За Богородица да им помогне да оздрават, но и да им даде сила да ја поднесат болеста и да се справат со неа. Овде секојдневно ги живееме чудото и заветот. Како што и самите видовте овие денови, овде доаѓаат безброј благочестиви христијани за да ја изразат својата благодарност и да побараат благослов од нашата Пресвета Богородица, вели генералниот архијерејски намесник на светиот остров Тинос.

Објаснува дека голем е бројот на оние кои доаѓаат и за да се исповедаат, „искрено да се покаат за своите гревови и да добијат прошка, за потоа да учествуваат во Светата литургија и да се причестат со Телото и Крвта Христови“.

Секојдневно се служат свети литургии на кои ги споменуваат имињата на сите за кои верниците бараат молитва – за здравје, исцелување, закрепнување и духовно закрепување и како што нагласува, „не останува неспоменато ниту едно име што го оставаат поклониците“.

Најпреданите верници доаѓаат на колена. Тоа е карактеристичен завет што многумина го исполнуваат. Од длабока побожност велат: „Сакам понизно, на колена да стигнам до Богородица, на колена да се помолам и на колена да ѝ се заблагодарам“ – објаснува протопрезвитерот Георгиос Фанерос во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Она што беше интересно и остава голем впечаток за време на неколкудневниот престој на Тинос е дека црквата ја посетуваат и оние кои не се православни христијани.

Овде доаѓаат луѓе од сите вероисповеди. Слушајќи за Пресвета Богородица, за нејзините чуда и чудотворната благодат, сите доаѓаат да ја побараат нејзината милост и благослов, бидејќи не постои човек кој не верува – тоа секојдневно го гледаме и го живееме – посочува отецот.

На 15 август, кога во Грција се празнува Голема Богородица, Тинос е главната дестинација за верниците, тогаш е најголем бројот на поклоници, се одржуваат свечености, на кои традиционално присуствуваат претставници на грчкиот државен врв, министри и политичари, а со оглед на тоа што на островот бевме нешто помалку од еден месец пред празник, во однос на подготовките отец Георгиос нагласи дека тие секогаш се подготвени, бидејќи за нив во црквата „секој ден е 15 август“.

На заминување, заблагодарувајќи му се за одвоеното време и интервјуто за МИА, од протопрезвитерот Георгиос Фанерос добивме и благослов во име на митрополитот Доротеј Втори, но и благодарност што островот и Богородица од Тинос ќе бидат претставени пред нашата јавност.

Црковниот комплекс – културно-историски центар

Светиот храм и малата црква се дел од поголемиот црковен комплекс со кој управува Фондацијата, а нејзината улога е многу поширока, се грижи за музеите и културните установи, финансира добротворни и социјални програми, располага со донациите што ги оставаат поклониците и ги насочува кон хуманитарни, образовни и црковни проекти.

Покрај својата религиозна улога, црковниот комплекс претставува и значаен културно-историски центар, бидејќи во него се чуваат вредни икони, ракописи, уметнички дела и други предмети што сведочат за духовното, уметничкото и националното наследство на островот Тинос.

Во дворот е и камбанаријата што дава значителен придонес во величественоста на комплексот, со височина од 29 метри се издигнува над градот и е видлива од повеќе локации.

Првично била 34 метри со четири нивоа за камбаните, меѓутоа поради силните северни ветрови што често преовладуваат на островот, од безбедносни причини била реконструирана, а по обновата е зачувана камената основа и новата камбанарија со три нивоа е малку пониска, но постабилна, а и понатаму останува еден од најпрепознатливите симболи на светилиштето.

Во црковниот комплекс постојат музеи, библиотеки, простори во кои се изложени икони и црковни реликвии, предмети оставени од личности, кои оставиле белег во грчката историја, но и олимписки медали од грчки спортисти учесници на Олимписки и Параолимписки игри.

Постои и специјално уреден и опширен простор за исповед.

Комплексот располага со пространи дворови и мермерни тремови, каде што се собираат верниците и секојдневно, но и за време на големите празници, особено на 15 август.

Црквата е отворена од 7.30 до 20 часот и во текот на целиот ден е полна со верници, додека пак вратите на црковниот комплекс никогаш не затвораат, токму затоа не е мал бројот на верници кои за да ги избегнат високите температури, метежот во текот на денот, доаѓаат во приквечерината.

Велат дека молитвата за нив е интимен момент, а вечерните часови се пригодна можност, далеку од големата фреквенција на луѓе.

„Тама“ (заветен дар) не е само да се поклониш пред чудотворната икона, туку доволно е да се помолиш во себе, овде пред овој духовен споменик, вели повозрасна жена.

Меѓу оние кои ја посетуваат црквата, има и голем број странски туристи, сретнавме посетители од Кипар, од Франција, од САД, кои со воодушевување ја разгледуваат црквата.

Црковниот комплекс е уште поимпозантен по заоѓањето на сонцето, кога ноќта полека се спушта над Тинос и се палат светлата, кога тишината ја прекинуваат само брановите од ветерот што се слушаат во далечината, а за некои е идеално време за молитва, за поклонение пред Пресвета Богородица.

Манастирот на Света Пелагија – местото каде што монахињата ги имала трите виденија за иконата

Историјата на црквата започнува на околу девет километри од црковниот комплекс, во женскиот манастир Кехровуни посветен на Успението на Пресвета Богородица, каде што тогаш монахињата, а сега веќе светица, Пелагија на сон ја видела Богородица која ѝ посочила дека постои закопана икона.

Манастирот, што се верува дека е изграден во 10 или 11 век, денес е единствениот активен женски манастир на островот, сместен е на планински падини на околу 650 метри надморска височина и со својата архитектура потсетува на традиционално село од Кикладските острови со бели градби, тесни камени патеки и мали дворови.

Отворен е за посета во утринските и попладневните часови и е едно од највпечатливите места на островот и поради местоположбата, високо на планината и поради внатрешноста во која преовладува спокојот, додека монахињите ги извршуваат нивните секојдневни обврски, но и љубезно ги упатуваат верниците и посетителите кон местата отворени за јавноста.

„Манастирот е место на спокој и молитва“ – пишува непосредно пред портата за влез во манастирот, како и стихот од Псалм 83 „Колку се возљубени твоите престојувалишта, Господи“.

Во раните утрински часови, веднаш по отворањето, во денови кога е мал бројот на посетител, манастирот плени со убавината и спокојот, токму онака како што пишува и при влезот.

Во средината на манастирскиот комплекс се наоѓа црквата – мал храм посветен на Света Пелагија, во која се чуваат нејзини мошти – светата кара и каде верниците доаѓаат на поклонение.

Отворена за посета е ќелијата на Света Пелагија, местото за молитва на монахињата, онаму каде што според преданието, ги имала трите виденија на Пресвета Богородица, која ѝ го открила местото каде била закопана чудотворната икона на Тинос.

Ќелијата е едно од најпосетуваните места за верниците, а зачувана е речиси во истиот едноставен облик во каков што живеела монахињата: скромниот монашки кревет, дрвената столица, икони и кандило пред кои се молела.

Покрај духовното значење, Кехровуни е познат и по својата богата збирка на икони, црковни предмети, ракописи и реликвии.

Според пописот на населението во Грција спроведен во 2021 година, манастирот е дом на 32 монахињи.

Денот на видението, 23 јули е посветен на Света Пелагија и секоја година свечено се одбележува при што чудотворната икона се пренесува од храмот Евангелистрија до манастирот, каде што се одржуваат богослужби и илјадници верници доаѓаат за да се поклонат, а игуменијата и монахињите гостопримливо ги пречекуваат.

Но, Тинос не е само религиозниот туризам, во изминатите години, како што велат за МИА хотелиери и угостители, се повеќе станува популарен и за летен одмор, особено меѓу младите, нешто што многу лесно може да се констатира и при прошетка низ тесните улички на Хора, особено во вечерните часови, каде што младите уживаат во ноќниот живот што го нуди островот.

Тинос е и островот на мермерот, на традиционалните мали грчки села, на популарните традиционални летни панаѓури, на невообичаените гулабарници за кои се верува дека се над 1.000 раштркани низ целиот остров, на ветерот, на торпедираната фрегата „Ели“ од италијанска подморница за време на прославата на празникот Голема Богородица и непосредно пред вклучувањето на Грција во Втората светска војна, на локалниот колбас и на локални десерти, но и на плажи со тиркизна вода. 

Сања Ристовска – дописничка на МИА од Грција

Фото: МИА

Поврзани вести