Skip to main content

Невремето предизвика штети во штипската болница, пациентите ќе бидат преместени на други одделенија

Фрипик

Силното невреме што денеска го погоди Штип предизвика материјална штета во Клиничката болница, каде е оштетен дел од кровната конструкција, поради што дел од пациентите ќе бидат преместени на други одделенија. Во исто време, екипите на јавните претпријатија и Кризниот штаб работат на расчистување на последиците низ градот.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информираше дека пациентите се сместени во безбедниот дел од објектот, каде нема прокиснување, а во текот на вечерта ќе биде направена дополнителна реорганизација, објави 4news.mk

Пациентите се сместени во делот каде што е суво и каде што нема прокиснување. Во текот на ноќта ќе видиме дел од нив да ги префрлиме на други одделенија за да бидат безбедни и да не се наруши функционирањето на болницата“, изјави Јорданов.

Станува збор за околу 15 до 20 пациенти од Одделението за ортопедија. Оштетувања има и на операционата сала на ова одделение, но директорот нагласи дека болницата располага со други операциони сали и дека медицинските услуги нема да бидат прекинати.

Тој посочи дека ќе има извесно преструктуирање на работата додека не се утврди точниот обем на штетата, но итните случаи и претходно закажаните пациенти ќе продолжат да се згрижуваат.

Во меѓувреме, директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, изјави дека екипите работат според насоките на Кризниот штаб и дека најголемиот дел од сообраќајниците веќе се расчистени.

Поврзани вести