Skip to main content

Иван Поповски со „Татко“ се враќа на „Охридско лето“

Режисерот Иван Поповски, кој веќе 30 години живее и работи во Москва и стана еден од најомилените и најнаградувани театарски режисери во Русија, се враќа на „Охридско лето“ на 13 јули, во Центарот за култура „Григор Прличев“, со премиерата на „Татко“ , од Флоријан Зелер, со избран актерски тим и импресивна сценографија, заедно со основачот на продукцијата „Театарот на еден актер“ Бајруш Мјаку.

Воедно, со ликот на Таткото, Мјаку ќе ја заокружи својата блескава 53-годишна театарска кариера.

Одлуката да го реализирам овој проект, односно да ја заокружам мојата 53-годишна уметничка кариера, беше болна – исто толку колку и ликот на Таткото во драмата „Таткото“ од Флоријан Зелер, кој во поодмината возраст боледува од болеста на заборавањето – Алцхајмер. Покрај исклучителната театарска вредност на текстот, сметам дека со овој материјал отвораме едно мошне актуелно прашање што го зафаќа целиот свет и сè повеќе ни се приближува – Алцхајмеровата болест“, вели Мјаку.

Во претставата која трае 130 минути, играат и Амернис Нокшиќ, Фисник Зеќири, Сабина Мемиши Асланај, Мелика Кастрати и Флакрон Алији. Сценограф е Енес Деари, а костимограф Изет Цури.

Иван Поповски е македонски режисер со руска „школа“, кој живее и работи во Москва повеќе од две децении. Тој е роден на 2 мај 1969 година во Скопје. Беше примен на театарска режија на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во 1988 година. Дипломира во 1993 година, во класата на познатиот руски режисер Пјотр Наумович Фоменко. Во третата година од студиите, Поповски ја постави претставата „Авантура“, според драмата во стихови од Марина Цветаева, заедно со своите сокласници. Претставата се играше во ходникот на ГИТИС. „Авантура“ ја имаше својата премиера во 1991 година и го доби признанието од московската критика „Врв на сезоната“, за најдобра претстава на годината во Москва за сезоната 1991/92 година.

„Авантура“ беше еден од најзначајните настани кои доведоа до тоа класата на професорот Пјотр Фоменко да прерасне во театарот „Мастерскаја П. Н. Фоменко”. Започнувајќи со оваа претстава, трупата доби и меѓународно признание и започна активно да гостува низ Европа и низ светот. Како еден од основачите, Иван Поповски е и еден од главните режисери на театарот од неговото основање, па до денес.

Во 2007 година претседателот на Република Македонија го одликува Иван Поповски со почесната титула Амбасадор на културата на Република Македонија во Руската Федерација. Во 2008 година рускиот претседател Дмитриј Медведев потпиша указ со кој Поповски се наградува со медалот „Пушкин“ за значаен придонес во зајакнувањето на руско-македонските односи и популаризацијата на руската култура и јазик.

Поврзани вести