
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа работна средба со еден од најпознатите македонски актери, Младен Крстевски. Настанот беше посветен на афирмацијата на македонската култура и уметност, како и на продлабочувањето на културната соработка и поврзаноста меѓу Македонците.
Во срдечна и творечка атмосфера беа разменети мислења за улогата на уметноста во зачувувањето на македонскиот идентитет, како и идеи за нови културни иницијативи што ќе придонесат за промоција на македонските вредности.
Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, истакна дека Македонскиот КИЦ во Софија останува посветен на својата мисија да биде место каде што се негуваат и афирмираат македонската култура, македонскиот јазик, македонското кирилско писмо, македонската литература, македонската уметност, македонската музика, македонскиот фолклор, македонските народни песни и ора, традицијата и македонскиот национален идентитет.
„Македонскиот културно-информативен центар во Софија не е само институција, туку духовен и културен дом на Македонците во Бугарија. Нашата мисија е да го чуваме, развиваме и достоинствено да го претставуваме сето она што е македонско – нашиот јазик, нашето писмо, културата, традицијата, уметноста и историското наследство. Особено ме радува што со Младен Крстевски разговаравме за можноста да реализираме заеднички културен проект кој, верувам, ќе испрати силна позитивна порака и ќе одекне меѓу Македонците, поттикнувајќи нова енергија, единство и гордост кон нашите културни вредности“, изјави проф. д-р Зоран Пејковски.
За време на средбата беше истакната важноста од создавање нови културни содржини што ќе ја доближат македонската уметност до пошироката јавност и ќе ги поврзат Македонците преку заеднички проекти, без оглед на тоа каде живеат.
Од Македонскиот културно-информативен центар во Софија оценуваат дека ваквите средби се значаен чекор кон натамошно збогатување на културната соработка и потврда дека македонската култура, уметност и духовност имаат сила да обединуваат, инспирираат и оставаат трајни вредности за идните генерации.

Македонски



