Skip to main content

Македонска Пошта во соработка со Амбасадата на САД во земјава денеска промовираше поштенска марка по повод 250 години од независноста на САД

Македонска Пошта во соработка со Амбасадата на САД во земјава денеска промовираше поштенска марка по повод 250 години од независноста на Соединетите Американски Држави.

Поштенската марка не е само филателистичка вредност, туку и симбол на пријателството меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија, беше посочено на промоцијата.

– Двесте и педесетгодишнината од американската независност не е само јубилеј на една голема држава, туку е јубилеј на една голема идеја дека слободата, демократијата и правото на народите на самоопределување се темелите врз кои се гради современиот меѓународен поредок. Од тој дух произлегува и мисијата на претседателот Вилсон, кој го афирмираше правото на малите народи да живеат слободно и да ги создадат своите држави. И Република Македонија го наоѓа своето место во ова политичко и историско наследство. Нејзиниот пат кон демократска консолидација и евроатлантска интеграција е изграден врз вредностите што Америка ги промовираше во светот: слободата, демократијата, граѓанската еднаквост и почитувањето на државниот суверенитет, истакна Скендер Асани од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.

Соединетите Американски Држави беа и остануваат еден од најважните стратешки сојузници на нашата држава, рече Асани, додавајќи дека американската поддршка за стабилност, безбедност и евроатлантска интеграција на Македонија била одлучувачка во клучните моменти за нашата држава.

– Денес ја афирмираме нашата државност, определба и повторно потврдуваме дека иднината на Македонија е тесно поврзана со демократскиот свет, со НАТО, со Европската Унија и со Соединетите Американски Држави како наш најсилен стратешки партнер. Нека оваа поштенска марка биде мал симбол по својата форма, но голем по својата порака, сведоштво за трајното пријателство меѓу САД и Република Македонија и за нашата заедничка визија за мир, слобода и демократија, рече Асани.

Поврзани вести