Skip to main content

Австралиската полиција заплени кокаин во вредност од 500 милиони евра

mia

Австралиската полиција запленила 2,7 тони кокаин скриени во подземен систем од скривници во западниот дел на Сиднеј, објави „Би-Би-Си“, истакнувајќи дека ова е најголемата ваква операција во историјата на земјата.

Наркотиците, чија приближна пазарна вредност се проценува на 816 милиони австралиски долари (околу 500 милиони евра), биле откриени во петокот, сокриени под двојни подови во три транспортни контејнери на имот во Лондондери.

При акцијата се уапсени двајца мажи, на возраст од 21 и 25 години, кои, како што се тврди, се обиделе да ѝ побегнат на полицијата. Тие се обвинети за поседување комерцијално количество нелегално увезена наркотична супстанција, која подлежи на гранична контрола. Полицијата тврди дека организирана криминална група го прошверцувала кокаинот во Австралија преку малото гратче Миџ Поинт во Северен Квинсленд.

На двајцата мажи им е одреден притвор по појавувањето пред судот во саботата и се соочуваат со доживотен затвор доколку бидат прогласени за виновни, наведува Би-Би-Си.

Полицијата соопшти дека акцијата на имотот во Лондондери е дел од „Операцијата Минцјан“, која беше започната во мај, откако 40 килограми кокаин беа пронајдени како плутаат на водата во близина на рампа за чамци во Миџ Поинт. Во рамките на истрагата, минатата недела беа уапсени и обвинети уште шест лица во Квинсленд и во Нов Јужен Велс. На Соломонските Острови беше задржан и брод за кој се претпоставува дека служел како „матичен брод“ и се сомнева дека е дел од шверцерската операција.

И покрај својата оддалеченост, Австралија е профитабилен пазар за трговија со дрога, при што цената на кокаинот обично достигнува околу 300 австралиски долара за грам, покажуваат податоците на системот за мониторинг на нелегални супстанции при Универзитетот во Нов Јужен Велс.

Светскиот извештај на ОН за дроги за минатата година исто така нотира дека кај Австралијците и кај Новозеланѓаните се забележани највисоки стапки на употреба на кокаин во светот. 

Поврзани вести