
Регионот на Западен Балкан има предиспозиции, претприемачки дух и стратешка позиција за да биде повеќе од обичен корисник на новите технологии. Овој регион може да биде активен чинител во економијата заснована врз иновации, која ја обликува иднината, а САД се посветени да бидат партнер во тој процес, порача денеска в.д. амбасадорката на САД, Никол Варнс во обраќањето на завршниот дел од дводневната конференцијата „Акцелератор за дигитална трансформација на Западен Балкан“, што се одржа денеска и вчера во Скопје во организација на Амбасадата на САД, во име на Бирото за киберпростор и дигитална политика (CDP) при Стејт департментот.
Амбасадорката посочи дека одлуките што ќе се носат во овој регион во наредните години ќе помогнат да се одреди како ќе се развива ерата на вештачката интелигенција, не само за економиите, туку и за безбедност и општиот напредок.
Револуцијата на вештачката интелигенција не е можност што допрва треба да се оствари. Таа е веќе тука. Веќе е во тек. Одлуките што ги носиме денес, како влади, компании и институции, ќе определат кои држави и компании ќе бидат најдобро позиционирани да се натпреваруваат, да иновираат и да напредуваат во годините што следуваат. Тие одлуки ќе ги обликуваат нашите економии, нашата конкурентност и нашата безбедност во годините што доаѓаат. Како што слушнавме вчера, националната безбедност е тесно поврзана со економскиот просперитет. Токму затоа е од суштинско значење да ја прифатиме дигиталната трансформација и да носиме промислени и стратешки одлуки за начинот на кој ќе ја насочуваме – порача Варнс.
Таа додаде дека во текот на дводневната дискусија била истакната важноста на доверливата дигитална инфраструктура за заштита на некои од најкритичните системи и најчувствителни податоци.
Никол Варнс конференциха дигитализација
Исто така, ги разгледавме ризиците од фокусирање исклучиво на најевтината опција. Она што денес изгледа како најисплатлив избор, утре може да се покаже како најскап ризик, доколку технологијата што стои зад него не е доверлива и безбедна. Нашата способност да ја обликуваме иднината на вештачката интелигенција ќе зависи од силата на партнерствата што ќе ги изградиме, меѓу владите и приватниот сектор, како и меѓу земјите од Западен Балкан и американските компании што обезбедуваат најсовремени технолошки решенија – рече Варнс.
Дигиталната иднина, додаде таа, не е нешто што едноставно ќе пристигне еден ден, таа се гради токму сега, „преку инвестициите што ги правиме, партнерствата што ги воспоставуваме и изборите што ги носиме во однос на тоа кому ќе му ја довериме нашата иднина“.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера на отворањето на конференцијата порача дека дигиталната трансформација претставува клучен предуслов за економска конкурентност, национална безбедност и институционална отпорност. Таа, додаде, министерот, повеќе не е прашање само на модернизација, туку има суштинско значење за развојот на општествата и економиите.
Тој истакна дека инфраструктурата што се гради денес ќе има директно влијание врз пристапот на граѓаните до услуги, конкурентноста на компаниите и безбедноста на општествата во иднина. Според него, дигиталната трансформација за Западен Балкан има посебно значење имајќи го предвид потенцијалот на регионот.
Ние сме регион со силен човечки капитал, динамични ИКТ компании и јасна амбиција да бидеме целосно интегрирани во европскиот и трансатлантскиот дигитален простор – истакна Aндоновски, додавајќи дека за реализација на оваа цел се неопходни доверлива инфраструктура, стабилна регулатива и силно партнерство со демократските сојузници.
Во однос на националните политики, тој потенцира дека дигиталната трансформација е еден од клучните реформски приоритети на Владата. Посочи дека целта е граѓаните и бизнисите директно да ги почувствуваат придобивките преку помалку бирократија, поголема транспарентност и подобра отчетност. Во контекст на кибербезбедноста, министерот најави законски измени со кои првпат ќе се воведат стандарди за набавка на доверлива ИКТ-опрема.
МИА

Македонски



