
Во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години Драмски театар – Скопје, денеска во 19 часот во театарот ќе биде промовирана книгата „Да живее Долна Дупка“ од доајенот на македонската театарска и филмска уметност Коле Ангеловски.
На промоцијата ќе се обратат директорот на Драмски театар Роберт Вељановски, театарскиот критичар Тодор Кузманов, писателот и драматург проф. д-р Гоце Смилевски, како и актерите Благоја Чоревски и Ѓокица Лукаревски и уредникот Свето Стаменов. Во рамки на настанот, актерите Жаклина Стевковска и Горан Наков ќе изведат фрагменти од претставата „Да живее Долна Дупка“.
Од Драмски театар сопштуваат дека станува збор за збирка од четири комедии – „Да живее Долна дупка“, „Аферата ’Рекет’“, „Аферата ’Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, создадени во последната деценија од авторот. Дел од драмските текстови веќе се поставени на македонските сцени, меѓу кои и истоимената комедија „Да живее Долна дупка“, која премиерно беше изведена во Театар Комедија во јануари 2025 година.
Делото „Птица со главата меѓу нозе“, пак, премиерно беше прикажано во Драмски театар во 2021 година, обработувајќи теми поврзани со современите општествени состојби, вклучително и пандемијата, економската криза и социјалните превирања.
Останатите две комедии, „Аферата ‘Ладен шприцер’“ и „Аферата ‘Рекет’“, преку сатиричен пристап ги отвораат прашањата за функционирањето на локалната самоуправа и општествените аномалии, инспирирани од реални случувања.
Приредувач и уредник на изданието е публицистот Свето Стаменов, а дизајнот е на Бојана Симевска. Книгата е збогатена со фотографии од театарските изведби на дел од комедиите.

Македонски



