Skip to main content
На концертот на Слаткаристика на 2 август ќе бидат гости Тони Зен, „Дупер“, Тајзи, „Зи бомб“, „Некст тајм“...

Пред концертот во Охрид македонските музичари повикаа на единство, поддршка и чување на домашните вредности: Како „Авенџерс“ од Македонија, искрено да го чуваме македонското богатство

Марко Маринковиќ Слаткаристика одржа прес-конференција на која го најави големиот концерт кој ќе се одржи на 2 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Еден од главните поводи за денешниот собир беше и официјалната промоција на најновиот заеднички видеоспот на Слаткар и Зи Бомб, насловен „Верувај“, а песната ќе биде дел од филмот кој се подготвува. Како што истакнаа артистите на пресот, станува збор за убава, искрена песна која е лесно прифатлива за широката публика, односно за генерациите од „7 до 77 години“.

На прес-конференцијата присуствуваа и Тони Зен, Илчо Нечовски и Борис Какуронов од „Дупер“, Тајзи, рап дуото „Зи бомб“, членовите на „Некст тајм“… сите кои ќе бидат гости на концертот во Охрид.

Македонските уметници се согласија дека е мошне важно македонските артисти конечно да се здружат и да си бидат поддршка едни на други, со цел домашната музика да го добие третманот што го заслужува. Упатија пораки за поддршка, истакнувајќи дека заедничката работа и почитта меѓу музичарите се клучни за развој на сцената.

Марко се осврна и на новиот почеток, посочувајќи дека музичката сцена има простор за нови идеи, таленти и големи проекти.

Најбитно е што сите сме тука и што сме дел од еден нов старт, од една нова ренесанса во која сите заедно можеме да создадеме големи работи. Се надевам дека секој втори август во Охрид ќе имаме голем концерт на нов наш артист, рече тој.

Кристијан Стефановски од Прагма Продукција рече дека секогаш се иницијатори македонските артисти да се на исто ниво како светските артисти.

Се што правиме, правиме да биде, да нема никаква разлика. Така да со проектите што ги правиме, односно со концертот на Тони Зен и Слаткар, беше заедничка идеја и премногу успешна за наше големо задоволство. Направивме, мислам еден хајп, каде што ги охрабривме и другите македонски артисти да почнат да организираат концерти по големи сали. Недостижната сала Борис Трајковски сега е достигната за сите, рече Стефановски.

Тони Зен упати порака за единство, поддршка и зачувување на домашните вредности, осврнувајќи се на важноста на македонската сцена и заедничката работа.

Можеме да направиме нешто во наша полза. Како ‘Авенџерс’ од Македонија, искрено да го чуваме македонското богатство. Толку можам да кажам, порача тој.

Погледнете се меѓу себе, почнувајќи од вас и од нас. Ние сме навистина нешто големо. Ако ова го изгубиме, тогаш навистина правиме голема грешка, изјави Тони Зен.

Членовите на поп-дуото Дупер ги најавија и големите концерти на Хераклеа во Битола и на Античкиот театар во Охрид рекоа дека им е чест што се дел од овој концерт, особено што станува збор за Слаткаристика кој е еден од ретките легенди во македонската музика што уште е во тек со времето и што поддржува нови, млади артисти.

Ова е концерт за пријателите на Марко, рече Стефан од „Некст тајм“.

Му честитам за овој подвиг. Очекуваме сите што се чувствуваат како Македонци и што ја сакаат македонската музика, на тој ден да бидат на истиот концерт, се надоврза Стефан од „Некст Тајм“.

Според Тајзи, само со заедничка енергија и поддршка може да се постигнат поголеми резултати и да се зачува она што е вредно.

Чест ми е што делам маса со вакви големи артисти и големи луѓе, а Слаткар направил најмногу за мојата кариера, рече Тајзи.

Поврзани вести