Skip to main content

Сатиричната комедија „Бардо Тодор“ во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода

Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, вечерва со почеток во 20 часот ќе биде изведена во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во скопската населба Кисела Вода.

Претставата е во режија на Сашо Миленковски, а текстот е на Сашо Кокаланов. Проектот е реализиран со поддршка на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Во актерската екипа настапуваат младите актери Надица Дојкоска, Наум Ѓорѓиески и Димитар Паскоски.

„Бардо Тодор“ преку сатира и црн хумор ги обработува последиците од животот во близина на термоцентрала на јаглен, отворајќи прашања за здравјето, животната средина и економската зависност на локалното население од големите индустриски капацитети.

Кокаланов за претставата вели дека „Бардо Тодор“е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоцентрала со коп на јаглен, приклештени во противречноста – убиецот да им е и главен работодавец.

-Приказните се пародија направена според мотиви од приказните за треската, борџот и чумата на Марко Цепенков, како и „Бардо Тодор“, тибетски будистички текстови за искуството на душата по смртта, во западниот свет книга позната како „Тибетска книга на мртвите“. Идејата беше да се направи драмска нарација во која, паралелно, преку современи ликови и преку нивно карикирање во духот на антологиските ликови од народните преданија, ќе се зборува за апсурдноста на прифаќањето на реалноста да се живее во близина на масовен убиец само затоа што тој убиец обезбедува некаква егзистенција- вели авторот за претставата.

Од „Еко-свест“ нагласуваат дека преку вакви културни проекти сакаат да ја подигнат јавната свест за влијанието на производството на електрична енергија од јаглен врз здравјето на луѓето и животната средина, со надеж дека пораките од претставата ќе допрат до пошироката јавност.

Влезот за претставата е бесплатен за сите посетители.

Поврзани вести