Skip to main content

СДСМ ќе остане на страната на обичниот човек, работникот, младите, правдата и Европа, порача Филипче на 32. Конгрес на партијата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 32. Конгрес на партијата порача дека Македонија се наоѓа пред историска можност за забрзување на европската интеграција, оценувајќи дека актуелната власт нема јасен план за напредок кон Европската Унија и ја обвини за економски застој, слабеење на институциите и зголемена политичка контрола врз правосудството и медиумите. Тој повика на обединување на прогресивните сили против национализмот, популизмот, авторитарноста и корупцијата и најави нова идеолошка платформа заснована на социјалдемократските вредности.

Обраќајќи се пред делегатите, Филипче истакна дека Конгресот не е само формално усвојување на нов партиски документ, туку потврда на основните принципи на социјалдемократијата – правда, солидарност, силни институции, фер оданочување и европска иднина.

фото: СДСМ

Овој конгрес е доказ дека сме цврсти, обединети и дека сме спремни да ги носиме одлуките што ќе ја обликуваат нашата иднина. Целта на овој конгрес не е да биде само свечено усвојување на нова идеолошка платформа. Тоа е потврда дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија цврсто се држи до суштината на социјалдемократијата: правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла – рече Филипче.

Најави дека СДСМ во наредниот период ќе дејствува во три насоки – барање јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со ЕУ, понуда на социјалдемократска алтернатива за економскиот и институционалниот застој, како и мобилизација на прогресивните општествени сили. Во таа насока, тој ја истакна и важноста на „Скопската иницијатива“, која, како што рече, има цел да ги обедини прогресивните сили на Балканот против национализмот, популизмот и организираниот криминал.

фото: СДСМ

Во говорот тој ја критикуваше актуелната состојба во државата, наведувајќи дека граѓаните се соочуваат со високи трошоци за живот, намалување на вработеноста во индустријата и пад на странските инвестиции.

Демократијата замира во нашата земја. И тоа е вистинската слика на владеењето денес: скапотија за граѓаните, самоувереност на власта, празен ПР, застој во институциите, контрола врз медиумите и конфузија по стратешките прашања – рече Филипче.

Осврнувајќи се на европската интеграција, претседателот на СДСМ рече дека пораките од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват покажуваат дека проширувањето повторно е високо на агендата на Унијата, но предупреди дека Македонија ризикува да заостане зад соседните земји доколку не преземе конкретни чекори.

фото: СДСМ

Додека ние стоиме во место, Албанија веќе ги отвори сите кластери, а договорот за членство на Црна Гора веќе се пишува во Брисел. Историјата не нѐ чека. Возовите во политиката не се фаќаат со оправдувања, туку се фаќаат со одлуки – посочи Филипче.

Според него, европската интеграција не е само геополитичко прашање, туку директно поврзана со квалитетот на животот на граѓаните преку подобри јавни услуги, повисоки плати, посилно владеење на правото и повеќе можности за младите.

На крајот од обраќањето, Филипче порача дека СДСМ ќе остане, како што рече, „на страната на обичниот човек, работникот, младите, правдата и Европа“, повикувајќи на обновување на довербата во политиката и институциите.

Поврзани вести