Skip to main content

Се додека има сцена, публика, приказни, театарот ќе продолжи да живее: Бурни аплаузи и силни емоции за лауреатите на наградите за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“

Со бурни аплаузи што траеја и по неколку минути na 60. јубилејно издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ беа поздравени лауреатите на наградите за животно дело и членови на нивни семејства. Атила Клинче, Веби Ќерими, Сашо Миленковски и Љубомир Чадиковски.

Зад мене се 44 години како актер, директор на институција и како професор. Тоа е мојот скромен придонес за афирмација на македонскиот театар, на турската заедница во земјава и надвор од неа. Им благодарам на мојата драга колешка Ана Стојаноска, на колегите од фестивалот што ме удостоија со вака значајна и престижна награда и вие, публико, со вас пораснавме. Не мислам дека е крај, наградата ми дава уште поттик, рече Клинче и низ солзи се заблагодари на своето семејство за сета поддршка.

Актерот Веби Ќерими се заблагодари на сите што се заложија за оваа награда, за своите колеги од Албанскиот театар за безрезервната поддршка.

Исто така не треба да се заборави оваа прекрасна прилепска публика, која со децении и е верна на овој културен театарски настан во земјава – рече Ќерими.

Во име на режисерот Сашо Миленковски, наградата ја прими неговата ќерка Сара Миленковска, која истакна:

Овој фестивал го има препознаено неговиот храбар и нов пристап кон театарот. Како ќерка на режисер и сестра на режисерка, сум имала привилегија да растам во театарот и околу театарот и на сите можни начини да знам колку е значајно да се вложува во театарот и да останеме храбри и достојни.

Љубомир Чадиковски не ја криеше својата среќа за наградата.

Оваа награда не е само лично признание, ами признание за еден пат, за години поминати во театарот на сцена, меѓу сценографии, режисери, деца, млади.. По професија сум архитект, но судбината ме однесе на сцената која секогаш ми беше простор да се исполни со идеја, со емоции, со светлина. Имав чест да создадам светови што траеја кратко на сцената, но долго остануваа во сеќавање на публиката. Посебно место во мојот живот има Театарот за деца и младинци. Децата заслужуваат уметност, младите заслужуваат сцена. Тој театар не е мал, оти детската публика не може да се измами, кога човек ќе погледне наназад, ги паметите луѓето на сцена, режисерите, техничарите, сите тие што се чесно во себе….и секако публиката, детските очи. Оваа награда е за сите што веруваа во театарот кога не било лесно. Делото не завршува со награда, се додека има сцена, публика, деца… приказни, театарот ќе продолжи да живее, рече Чадиковски.

Поврзани вести