Skip to main content
Средба на гувернерот со директорот на ЕБОР

Славески: Продлабочување на соработката за поддршка на одржливиот економски развој и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески, во рамките на Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), коешто се одржува во Рига, оствари работна средба со директорот на ЕБОР за Југоисточна Европа, Гжегож Желињски. На средбата присуствуваше и Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во нашата земја.

Како што информираат од Народна банка, во текот на разговорите била истакната досегашната соработка меѓу Народната банка и ЕБОР преку поддршката на одржливиот економски развој на земјата, при што посебно внимание им било посветено на активностите насочени кон унапредување на финансиската вклученост и подобрување на пристапот до финансии за различни категории корисници, вклучително и жените претприемачи.

Народната банка активно работи на унапредување на финансиската едукација и вклученост, како и на поддршка на женското претприемаштво преку Кодексот за финансирање жени претприемачи. Во наредниот период, активностите ќе бидат насочени кон проширување на коалицијата и подобрување на податоците – истакнал Славески.

Како што се наведува во соопштението, на средбата било разговарано и за подготвителните активности на Народната банка за ефикасно спроведување на Законот за решавање банки, којшто ќе почне да се применува во втората половина од оваа година. Во таа смисла, била истакната подготвеноста на ЕБОР за обезбедување поддршка за Народната банка и за банкарскиот систем за ефикасна операционализација на овој закон, особено во однос на новите барања на банките за исполнување на т.н. минимална стапка на сопствени средства и дозволени обврски.

Гувернерот Славески ја истакнал и поддршката што ЕБОР ја обезбедува за финансирањето обновливи извори на енергија во земјава, како придонес за јакнењето на енергетската сигурност во земјава.

На средбата била потврдена заедничката подготвеност за понатамошно продлабочување на институционалната соработка меѓу Народната банка и ЕБОР, особено во областите на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, одржливото финансирање и зајакнувањето на отпорноста и стабилноста на финансискиот систем. 

Поврзани вести