
Предлогот на Франција и Германија е искрен и реален, којшто забележително нуди една опција на што повеќе интегрирање, но исто така забележливо е дека нуди членство кое не би било полноправно, барем не во овој момент, изјави денеска Антонијо Милошоски потпретседателот на Собранието и претседавач со 23. Конференција на КОСАП – Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа што денеска се одржува во Струга.
Може на некого тоа да му се допаѓа или да не му се допаѓа, но ја цениме искреноста и на Франција и на Германија што ја соопштија реалната состојба внатре во Европската Унија, којашто трае можеби во последниве 7-8 години. Дека апетитот за нови полноправни членки со целосни права и обврски (право на вето, гласање и слично) не е толку голем како што бил пред 13 или 15 години. Но, од друга страна, не нудат статус кво, туку нудат фазна интеграција на земјите во одредени сектори, зависно од исполнетите стандарди – рече Милошоски.
Како што кажа тој, очекувањата се дека денеска на Самитот за Западен Балкан во Тиват тоа ќе биде предмет на сериозна дебата.
И, доколку биде потврдено како понуда, официјално од страна на Европската Унија, моето лично мислење е дека Македонија би требало кон таа понуда да пристапи позитивно и да влезе во разговори за фазно интегрирање кон Европската Унија. Се разбира, како еден преоден период до полноправно членство, кога за тоа ќе се создадат политички услови во самата Европска Унија – рече потпретседателот на Собранието Милошоски.
На новинарско прашање дали ние би можеле да влеземе во ЕУ заедно со земјите за кои се најавува дека најбрзо би биле дел од неа, тој одговори оти смета дека според неофицијалните информации Црна Гора би можела да биде единствената земја од регионот која би имала шанса да стане членка на Унијата до 2030 година и можеби Исланд доколку тамошните граѓани се изјаснат за тоа на рефендумот.
Од тоа што го имаме вака како неофицијални информации — се разбира, ЕУ земјите членки на крајот ќе одлучат — јас сметам дека единствена земја од регионот којашто би имала шанси до 2030 година да стане членка (дали полноправна или со некоја друга фаза на ограничување, не знам) е Црна Гора. И доколку Исланд има позитивно изјаснување на нивниот референдум за повторно продолжување на процесот на преговори, можеби и Исланд до 2030 година да ја има таа опција. Додека за Албанија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Украина, Турција и другите земји, веројатно ќе важи оваа понуда за постепено интеграција во одредени сектори на Европската Унија, зависно од исполнетите стандарди – рече Милошоски.

Македонското Собрание денеска е домаќин на земјите што учествуваат во Регионалниот процес за соработка во Југоисточна Европа, а присуствуваат и претставници од Хрватска, Грузија и Турција.
Милошоски рече дека двете главни поенти на овој форум се регионалната соработка и добра координација и напредок што ќе ни ја олесни комуникацијата со Европската унија.
Првата поента е дека регионалната соработка е предуслов за нашите регионални интеграции, за подобра економија, за побрз напредок на целиот регион и на државите. Второто е дека како регион, доколку имаме добра координација и напредок, тоа ќе ни олесни и за комуникацијата со Европската Унија, особено после овие најнови предлози коишто се дадени од Франција и Германија за, би рекол, скалеста интеграција во различни проекти и сектори – рече потпретседателот на Собранието.
Во тој контекст Милошоски ја нагласува можноста за заедничкиот регионален и европски пазар како една голема цел којашто, доколку, како што вели, успееме да бидеме интегрирани во тој единствен европски пазар, би било голем поттик за економските потенцијали на сите земји во регионот.
Тој најави заедничка изјава на земјите – учеснички што како што истакна ќе значи потврда на политичката определба на сите земји од регионот, без разлика на тоа која влада — политички или идеолошки — каде припаѓа, дека имаат две заеднички цели:
Регионално да бидеме партнери, да се поврземе што поцврсто.
Европската интеграција — дали тоа ќе оди скалесто, постепено, до полноправно членство или со други модалитети — да ја завршиме преку реформи и постигнати стандарди – рече Милошоски.

Македонски


