
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција порача дека Владата останува фокусирана на економскиот развој, решавањето на наследените проблеми и создавањето услови за нови инвестиции и работни места.
Тој истакна дека целта на прес-конференцијата е да се презентираат резултатите од досегашната работа и економските показатели кои, според него, покажуваат дека државата се движи во позитивна насока.
„Македонија забрзува и државата мора да оди напред. Покажуваме дека и со скромни ресурси можеме да направиме многу. Остануваме посветени на решавање на проблемите, враќање на долговите и справување со кризата која беше увезена. Обезбедуваме инвестиции, отвораме нови работни места и создаваме услови за напредок“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека резултатите се постигнуваат во период кога светот и регионот се соочуваат со сериозни економски и безбедносни предизвици, инфлациски притисоци, нарушени пазари и геополитичка неизвесност.
„И покрај сложеното опкружување, државата бележи раст и се движи во позитивна насока. Покажуваме дека со одговорна политика, дисциплина и јасен план може да се создава стабилност, да се поттикнува развој и да се отвора простор за подобар живот на граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека постигнатите резултати не се должат на наследената состојба, туку на посветена работа, јасно поставени приоритети и решителност државата да не биде заложник на кризите, туку успешно да ги надминува.
Осврнувајќи се на борбата против корупцијата, Мицкоски порача дека Владата останува цврсто посветена на владеењето на правото и еднаквата примена на законите.
„Разликата се чувствува во фактот што правдата и правилата мора да важат за секого. Очекувам во периодот што следи темпото и резултатите од работата да бидат уште посилни“, истакна тој.
Говорејќи за економските показатели, премиерот нагласи дека растот на бруто-домашниот производ не треба да се гледа само како статистички податок, туку како показател за инвестициите и економската активност во државата.
„Економскиот раст и зголемувањето на БДП не се само бројки. Тие се доказ за нашата работа, инвестициите и заедничката посветеност кон подобра иднина. Нашата цел е силна, стабилна и конкурентна економија што ќе создава нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард за сите граѓани. Ќе продолжиме со политики што поттикнуваат развој, иновации и економски напредок“, порача Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со спроведување на реформите и реализација на проектите кои, како што рече, треба да обезбедат долгорочен развој и подобра иднина за државата.

Македонски


