
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека истрагата поврзана со акцијата на Финансиската полиција, во која беше приведен поранешниот потпретседател на СДСМ, поранешен пратеник, градоначалник на Карпош и директор на Царинската управа, Стефан Богоев, опфаќа повеќе лица и, според неговите информации, би можела дополнително да се прошири.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека меѓу опфатените со истрагата има поранешен градоначалник, поранешен директор на јавна институција, како и повеќе вработени во рамки на институцијата.
„Станува збор за едно лице кое е поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција, во случајов Царинската управа. Станува збор и за неколкумина вработени во рамките на таа институција, како и за лице кое било блиско до претходната Влада и кое честопати ги олеснувало овие дејствија што изобилуваат со многу незаконитости, односно било посредник“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, според информациите со кои располага, во наредниот период може да следуваат слични акции и во други јавни институции.
„Од информациите што ги имам, ова ќе се проширува. Неколку јавни институции во периодот што следи ќе имаат слични вакви акции за недоследности од минатото кои се содржани во ревизорски извештаи и претставуваат индиции за злоупотреба на службената положба и овластување“, рече премиерот.
Мицкоски нагласи дека станува збор за истражни постапки и потенцираше дека мора да се почитува принципот на презумпција на невиност.
„Верувам во презумпцијата на невиност. Секој има можност да ја докаже својата невиност и не би навлегувал во дополнителни коментари за да не го нарушам процесот“, истакна премиерот.

Македонски


