
Премиерата на мјузиклот „Као какао“ инспириран од музиката на Влатко Стефановски во Македонскиот народен театар (МНТ) се покажа како еден од најзначајните културни настани за оваа година. Овој амбициозен проект успеа да ги оживее безвременските рефрени на „Леб и сол“ и Влатко Стефановски, претворајќи ги во моќно ткиво на една емотивна театарска приказна.

Текстот на Венко Андоновски и режијата на Дејан Пројковски претставува синергија на двајца мајстори. Пројковски уште еднаш ја докажа својата способност да менаџира масивни, спектакуларни сцени. Неговата визија е динамична, филмски прецизна и визуелно раскошна, со одлично користење на просторот и светлото. Додека драмската подлошка на Адоновски успешно ја избегнува стапицата на евтина носталгија. Тој вешто ја гради љубовната приказна во 70-тите години, користејќи ја како ретровизор за општествените вредности, младешкиот бунт и потрагата по слобода.

Музиката и изведбата се срцето на претставата. На аранжманите Мирковски им дава нов сјај. Музиката, која е темел на овој проект, звучи свежо и моќно, а новите аранжмани ги задржуваат комплексноста и духот на оригиналниот етно-рок израз, но добиваат театарска грандиозност.

Актерскиот ансамбл покажа завидно ниво на мултидисциплинарност. Преминот од драматични дијалози во експлозивни вокални и кореографски нумери е изведен мазно и со огромна енергија. Танцовите секвенци се модерни, енергични и совршено го рефлектираат пулсот на култните песни како „Чувам ноћ од будних“ и „Скопје“. Сценографијата на Валентин Светозарев е функционална со одлични ретро елементи кои брзо се трансформираат, костимите на Пупучевска совршено ја доловуваат естетиката и шаренилото на 70-тите години, а мошне успешно функционираше и комплексниот баланс меѓу живиот бенд и вокалите.

„Као какао“ не е само обично рециклирање на стари хитови, туку комплетно ново уметничко дело кое поставува нови стандарди за македонската музичко-сценска продукција. Тоа е претстава која ќе ја запее постарата генерација поради сеќавањата, а младата ќе ја засака поради чистиот уметнички квалитет. МНТ дефинитивно има хит кој уште долго ќе бара билет повеќе.
Синоќа реакцијата на публиката во Македонскиот народен театар (МНТ) за време на премиерата беше најдобар доказ за успехот на мјузиклот. Во салата се забележуваше ретка слика на сплотеност. Постарите генерации, кои израснале со оваа музика, реагираа со видлива носталгија додека помладите беа понесени од модерната енергија и динамиката на сцената. Во неколку наврати, особено при изведбата на насловната тема „Као какао“, публиката тивко пееше заедно со актерите, претворајќи го театарот во концертен простор.
На самиот крај, целиот аудиториум веднаш стана на нозе. Актерската и музичката екипа беа поздравени со громогласен аплауз.
Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата – на Олга Панго, сценографијата – на Валентин Светозарев, а костимографијата – на Марија Пупучевска. Вокален ментор е Ана Костадиновска. Во мјузиклот настапуваат: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Митровска.
Продуцент на проектот е Баги Комуникации, во копродукција со Македонскиот народен театар.

Македонски


