
Во Македонскиот народен театар утревечер 20.30 часот премиерно ќе биде изведен мјузиклот „Као Какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Втората премиера е закажана за задутревечер во истиот термин.
Во претставата се вклучени избрани композиции што ќе бидат изведени во нови аранжмани. Станува збор за мелодрамска љубовна приказна сместена во седумдесеттите години на минатиот век, каде што љубовта и амбицијата растат паралелно со притисоците на средината. Во обидот да успеат и да останат свои, младите ликови се соочуваат со невидливите граници на системот, стереотипите и сопствените стравови.
Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата – на Олга Панго, сценографијата – на Валентин Светозарев, а костимографијата – на Марија Пупучевска. Вокален ментор е Ана Костадиновска. Во мјузиклот настапуваат: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Митровска.
Продуцент на проектот е Баги Комуникации, во копродукција со Македонскиот народен театар.

Македонски


