
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денеска престојува во Тирана, на заедничка прес – конференција со премиерот Еди Рама, изјави дека Европската унија е најдоверлив партнер на Западен Балкан, и во овие неизвесни времиња, проширувањето на ЕУ, според него, е геополитичка неопходност.
ЕУ е најдоверливиот партнер на Западен Балкан и на Албанија. Во овие времиња на нестабилност, проширувањето е геостратешка неопходност за Европа. Многу наскоро ќе бидеме на самитот на Западен Балкан во Тиват. Да продолжиме понатаму во оваа работа што е направена за ЕУ. Драг Еди, имате традиција да ми покажувате албанска литература. Ги читав книгите на Леа Ипи, сега ќе ги читам книгите на Кадаре на лето. Тие ми помагаат подобро да ја разберам Албанија. Имаме заедничка историја, но исто така ќе ја обликуваме нашата заедничка историја, изјави тој.
Додаде дека Црна Гора и Албанија се најблиску до членство а за Албанија порача дека засилено треба да продолжи во борбата против корупцијата.
На прес-конференцијата, која се одржа во владата по состанокот помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет, и покрај забелешката на Рама, доминираа прашања околу случајот со Зврнец, на што Рама одговори дека „сè додека сум јас тука инвестицијата нема шанса да се стопира, ја поддржа истрагата започната од СПАК околу ова прашање и опширно зборуваше за придобивките од реализацијата на стратешката инвестиција.
По тет – а -тет средбата со премиерот Еди Рама, Рама во објава на Фејсбук напиша „Со драгиот пријател на Албанија, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за европското патување на нашата земја, понатамошните чекори кон членство во Европската Унија и нашата цел за Албанија 2030 година во ЕУ”.
По пристигнувањето во Тирана, Кошта прво се сретна со шефот на државата Бајрам Бегај, кој изразил благодарност за неговата поддршка во овој клучен процес на преговори за пристапување во ЕУ, како и за посветеноста на Албанија за исполнување на оваа национална цел.
Оценил дека „Албанија и Западен Балкан во ЕУ, значи поголема безбедност, развој, стабилност, за регионот и за самата Европа”.
Кошта во Тирана простигна од Сараево, а следната дестинација од неговата турнеја во земјите од Западен Балкан е Скопје.(МИА)

Македонски


