
Македонската фудбалска репрезентација загуби вечерва во контролен натпревар против Турција во Истанбул со убедливи 4-0 (2-0) и ја продолжи серијата без победа на осум, а без постигнат гол на четири натпревари.
Почетниот состав на македонската репрезентација донесе пет измени од дуелот во петокот против БиХ со Деспотовски, Фетаи и Алиоски во одбраната, Елези во средниот ред и Омерагиќ во нападот, но избраниците на селекторот Гоце Седлоски и овој пат беа во подредена улога.
Турција, која се подготвува за претстојното Светско првенство, од самиот почеток на дуелот на исполнетиот стадион „Шукру Сарачоиглу“ тргна офанзивно и откако Узун ја погоди рамката на голот на Димитриевски во 13 секунда, Кокчу веќе во следниот напад го совлада македонскиот голман.
Првиот удар кон противничкиот гол го упати Атанасов во 15. минута, а по изведениот корнер Турција искористи грешка на Велковски на противничката половина и организираше контранапад што го реализираше Узун за водство од 2-0 во 16. минута.
Домашната репрезентација пропушти идеална шанса да ја зголеми предноста по половина час игра кога ударот на Акгун заврши сантиметри над голот на Димитриевски.
Завршницата на првото полувреме донесе по една шанса на двете страни, откако Алиоски во 45. минута од непосредна близина не успеа да го совлада турскиот голман, додека Ајдин биеше непрецизно на спротивната страна.

Второто полувреме, во кое Седлоски ги внесе на теренот Серафимов, Ристовски, Муслиу, Манев, Емини и Чурлинов, почна како и првото, со целосна офанзива на Турците и откако Димитриевски го одбрани обидот на Ајдин во 48. минута, беше немоќен да спречи водство на домаќините од 3-0 во 53. минута кога беше совладан од Ѓул.
Демирал во 65. минути не искористи идеална шанса да го зголеми впдството на Турција кога од само пет метри биеше над голот, но само пет минути подоцна тоа му успеа на Јилмаз.
Турција до крајот на натпреварот имаше уште неколку шанси, но сигурен на голот беше Талески, кој заедно со Додев дебитираа во завршните 30 минути во националниот дрес.
Гостинските натпревари против Турција и БиХ беа последна подготовка за македонските фудбалери пред есенските настапи во Б дивизијата во Лигата на нации во групата со Швајцарија, Шкотска и Словенија.

Македонски


