Skip to main content

Во Грција мобилен при возење може да чини и 4.000 евра

Грција воведува значително построги сообраќајни казни, а меѓу најстрого санкционираните прекршоци е користењето мобилен телефон за време на возење.

Според новиот закон за безбедност во сообраќајот, казните се движат од неколку стотици до неколку илјади евра, а во најтешките случаи се предвидува и повеќегодишно одземање на возачката дозвола, како и затворски санкции.

За користење мобилен телефон додека се управува возило, при прв прекршок е предвидена парична казна од 350 евра и одземање на возачката дозвола на еден месец.

Доколку возачот повторно го стори истиот прекршок, санкцијата се зголемува на 1.000 евра и забрана за управување со возило во траење од шест месеци. Третото прекршување носи уште построги мерки – казна од 2.000 евра и одземање на возачката дозвола на една година.

Особено строги се мерките кога користењето мобилен телефон ќе предизвика сообраќајна несреќа. Во такви случаи, при прв инцидент останува основната казна од 350 евра и едномесечна забрана за возење, но при повторување санкциите достигнуваат до 2.000 евра и одземање на дозволата до четири години.

Најтешките случаи предвидуваат казна до 4.000 евра и забрана за управување со возило дури до осум години.

Освен високите парични казни и одземањето на возачката дозвола, новите грчки правила предвидуваат и можност за изрекување затворски казни, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата и да се намали бројот на сообраќајни несреќи предизвикани од невнимание зад воланот.

Поврзани вести