Skip to main content

Песков: Задржувањето на руски танкер од страна на француската морнарица се граничи со пиратство

Кремљ денеска соопшти дека запленувањето на нафтениот танкер „Тагоре“ од страна на Франција е нелегално и се граничи со пиратство.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека Русија не се согласува со тврдењето дека е почитувано меѓународното право.

Ние ги сметаме ваквите дејствија за нелегални. Тие се граничат со меѓународно пиратство, наведе Песков, додавајќи дека Русија ќе преземе мерки за да ја осигури безбедноста на товарот како одговор на инцидентот.

Советник на Кремљ во февруари изјави дека Русија може да ги распореди своите поморски сили за да спречи запленување на нејзините бродови и може да преземе одмазднички доколку бидат запленети руски бродови.

Француската морнарица вчера пресретна танкер за нафта на така наречената руската флота во сенка. Танкерот што пловел кон Мурманск бил пресретнат на речиси 400 наутички милји (околу 740 километри) западно од Бретања.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон посочи дека бродовите од руската флота во сенка ги заобиколуваат меѓународните санкции и ја финансираат војната што Русија ја води против Украина повеќе од четири години. Тој додаде и оти таквите бродови претставуваат и еколошка и безбедносна закана.

Тоа е четврто запирање на брод поврзан со руската флота во сенка од страна на Франција по слични операции спроведени претходно во Средоземно Море и во близина на брегот на Бретања. Француските власти најавија и заострување на казните за прекршоци поврзани со пловење без знаме и непочитување на поморските правила.(МИА)

Поврзани вести