Предавање на тема „Анархитектура по сè“ (Anarchitecture After Everything) на еден од најзначајните современи квир теоретичари, Џек Халберстам, кое ќе се оддржи оваа среда, на 3 јуни, со почеток од 20:30 часот, на платото на Музејот на современа уметност – Скопје.
Во ова предавање, Халберстам ќе го истражува значењето на трансотелотворувањето во современиот политички и културен контекст, користејќи го концептуалниот јазик на „анархитектурата“ – радикалната уметничка и архитектонска практика поврзана со колективот од 1970-тите и делото на Гордон Мата-Кларк. Преку оваа рамка, транс телото се мисли не како категорија што треба да стане читлива или легитимирана во рамките на бинарниот родов систем, туку како сила што ја нарушува, демонтира и преобликува самата логика на бинарноста.
Халберстам верува дека употребата на јазикот на анархитектурата за опис на трансотелотворувањето е соодветна од неколку причини: прво, транстелата не треба да станат читливи во рамките на родов систем изграден врз нивното исклучување. Со други зборови, доколку транс телата го нарушуваат бинарниот род, тогаш тие секако не можат да се стремат да станат „вистински“ преку таа бинарност. Напротив, тие претставуваат закана за бинарноста, но и имаат обврска да ја разградат и да ја размонтираат верзијата на „транс“ произведена токму од неа. Второ, бидејќи анархитектурата создава верзија на „транс“ што нема намера да стане нов инструмент на капиталот, таа нуди алтернатива на процесот преку кој групите исклучени во минатото денес стануваат нови пазари. Наместо да станат нова платформа за неолиберален маркетинг, разградувањето на телото отвора простор за критика на капиталот, недвижностите и реалностите што тие ги подвлекуваат. И конечно, затоа што транстелата, исто како зградите расечени од Гордон Мата-Кларк, претставуваат еден „несвет“ (unworld) во кој репрезентациските системи можат, но и се распаѓаат. Транстелото кое се наѕира во анархитектонските експерименти на Мата-Кларк не е лик туку тло, не е тело туку пејзаж, не е градба туку урнатина / локација за уривање.
Џек Халберстам е професор по хуманистички науки (Фондација Дејвид Фејнсон) на Универзитетот Колумбија. Автор е на седум дела: Готски хорор и технологијата на монструмот (1995), Женска мажественост (1998), Во квир време и место (2005) Квир уметност на неуспехот (2011), Гага феминизам: секс, род и крајот на нормалноста (2012) и на кратката книга насловена Транс: краток и ексцентричен осврт на родовата различност. Последното дело на Халберстам, издадено во 2020 година, е насловено Диви нешта: безредието на желбата. Списанието Places Journal му ја додели наградата Arcus/Places во 2018 година за иновативен јавен ангажман во науката за односот меѓу родот, сексуалноста и изградената средина. Новата книга на Халберстам е насловена Анархитектура по сè (Anarchitecture After Everything) и ќе биде објавена од МИТ прес во август 2026 година. Халберстам неодамна беше во фокусот на краткиот филм Така се движевме (So We Moved) на Адам Пендлтон, а неодамна беше избран и за стипендист на Фондацијата Гугенхајм за 2024 година.

Македонски


