Skip to main content

Премиерот на Малта, Роберт Абела, денеска ќе положи заклетва за нов мандат

Премиерот на Малта, Роберт Абела, денеска ќе положи заклетва за нов мандат откако неговата владејачка Лабуристичка партија четврти пат по ред победи на парламентарни избори и го задржа мнозинството во парламентот, иако со помала разлика отколку во 2022 година.

Абела изјави дека тоа е победа за сите граѓани, врз основа на програмата презентирана од неговата партија, и оцени дека резултатите покажуваат дека добил силен мандат.

Лидерот на опозициската Националистичка партија, Алекс Борг, го призна поразот, велејќи дека неговите поддржувачи успеале да ја намалат разликата меѓу двете најголеми партии на околу 18.000 гласови, од околу 39.000 на претходните избори во 2022 година.

Според новинарите кои го следеа броењето на гласовите, Лабуристичката партија е на пат да освои убедливо парламентарно мнозинство, но со помал удел на гласови отколку во 2022 година, кога доби 55 проценти поддршка од гласачите.

Изборите се одржаа во саботата, а излезноста беше 87,4 проценти, што е малку повисока отколку на претходните избори.

Откако Националистичката партија го призна поразот, поддржувачите на Лабуристичката партија почнаа да слават пред центарот за пребројување во Наксар, а подоцна организираа традиционални поворки.

Абела распиша вонредни избори една година пред редовниот термин, објаснувајќи ја одлуката со предизвиците што ги донесе неизвесната меѓународна ситуација.

Малта постигна економски раст од четири проценти минатата година и е меѓу најуспешните европски економии, со многу ниска невработеност.

Меѓутоа, конфликтот на Блискиот Исток предизвика загриженост за можен пораст на инфлацијата, додека Малта, како земја зависна од увоз и туризам, е особено чувствителна на зголемувањето на цените на нафтата и трошоците за гориво за авијација.

На изборите учествуваа шест политички партии, но Лабуристичката партија и Националистичката партија се единствените што редовно освојуваат парламентарни места од 1966 година.(МИА)