
Министерството за внатрешни работи соопшти дека поради очекуваниот зголемен број барања во пресрет на летната сезона, ќе го продолжи работното време на шалтерот за издавање „Одобрение за патување во странство за малолетни лица“ во Скопје.
Како што информираат од МВР, шалтерот во Одделението за управни работи во зградата на МРТВ, наменет за издавање одобренија за деца до 14 години, во наредниот период ќе работи од понеделник до петок од 08:00 до 18:00 часот.
Дополнително, услугата ќе биде достапна и во сабота, во периодот од 08:00 до 12:00 часот.
Од Министерството посочуваат дека мерката се воведува поради зголемениот обем на барања што традиционално се јавува пред летните одмори, со цел навремено и ефикасно да се одговори на потребите на граѓаните.
МВР апелира родителите навреме да ја завршат потребната документација за патување на нивните деца во странство.

Македонски


