Skip to main content
BZrJ4IEr7bw

Премиера на најновиот филм на Педро Алмодовар, „Горчлив Божиќ“ на 28 мај во кината ширум нашата земја

Шест години по „Болка и слава“, Педро Алмодовар се враќа на Канскиот филмски фестивал, каде што неговото најново дело, „Горчлив Божиќ“, ќе ја има својата меѓународна премиера во натпреварувачката програма, додека домашната премиера на овој филм е закажана за 28 мај во нашите кина.

По неговиот прв игран филм на англиски јазик, „Следната соба“, Алмодовар се враќа на снимање во Шпанија и работа со некои од неговите познати соработници.

Снимен во Мадрид и во живописниот Ланзароте, „Горчлив Божиќ“ ги спојува Барбара Лени и Леонардо Сбарала во главните улоги, како и Аитана Санчез-Хихон, Милена Смит, Ким Гутиерез и една од главните музи на Алмодовар – Роза де Палма, во споредна улога.

„Горчлив Божиќ“ ја следи режисерката Елса (Барбара Лени), која по смртта на нејзината мајка се посветува целосно на работата како одбранбен механизам.

Откако е принудена да направи пауза, таа оди на патување во Ланзароте со нејзината пријателка Патриција (Викторија Луенго) која штотуку дознала дека нејзиниот сопруг ја изневерил.

Паралелно, ја следиме приказната за режисерот и сценарист Раул (Леонардо Сбараља) додека тој и Елса ја истражуваат нераскинливата врска помеѓу реалниот живот и фикцијата и се соочуваат со одговорноста што таа ја носи со себе.

Важен дел од „Горчлив Божиќ“ е музиката на мексиканската пејачка Ксавела Варгас, од која Алмодовар често бил инспириран, а самиот филм го носи насловот на една од нејзините песни (Амарга Навидад).

Поврзани вести