
Првата половина од 16. Филозофски филмски фестивал помина успешно и забавно! Се гледаа многу филмови и се отворија многу прашања, дел од нив преку излагањата на фестивалските гости Адријано Ерколани и Грација Атанасовска, а дел преку разговори со публиката по проекциите. Ја погледнавме првата половина од Официјалната селекција на краткометражни филмови и четири филма од Официјалната селекција на долгометражни филмови: „Друг крај“ од Пјеро Месина, „Споменот за мирисот на нештата“ во режија на Антонио Фереира, „Туѓинка“ од режисерката Лусија Алењар Иглесијас и „Тивок пријател“ од Илдико Ењеди. Фестивалот продолжува во Младинскиот културен центар се до четврток вечерта кога ќе бидат прогласени победничките филмови во натпреварувачките селекции. На фестивалот ќе гостуваат уште неколку филмофили, од кои неколку гости од странство (Дина Јорданова, Донат Којш и Габриеле Зиндлер), како и нашата Илина Јакимовска.
Денес, на петтиот фестивалски ден (во 18:00 часот) ќе може да се проследи легендарниот „Патот“ (Yol) од Јилмаз Ѓунеј (добитник на „Златната палма“ во Кан, 1982 година), кој е реставриран четири децении по излегувањето на првата забранета верзија. Филмот е уникатен кинематографски потфат: Ѓунеј го пишува сценариото во затвор, од каде што го режира и самиот филм, давајќи му прецизни инструкции на својот асистент Шериф Ѓорен додека отслужува осумнаесетгодишна казна од политички мотивирани причини. По проекцијата излагање ќе има Дина Јорданова, почесен професор по глобална кинематографија на Универзитетот Сент Ендрјус во Шкотска, а нејзината дејност е фокусирана на кинематографијата на Источна Европа и Балканот, како и на транснационалниот филм. Првиот филм од Придружната програма е во тесна врска со преходниот, односно денешниот ден на фестивалот со право може да се именува како ден посветен на Јилмаз Ѓунеј. Така, во вечерниот термин (21:00) ќе се прикаже документарниот филм „Јилмаз Ѓунеј: неговиот живот, неговите филмови“ во режија на Џејн Милс, а на проекцијата ќе присуствува и продуцентот на „Патот“ Донат Ф. Којш кој меѓу другото е и истакнат дистрибутер и скрипт-експерт со предзнаења од психологијата и социологијата.
Вториот дел од Официјалната селекција на краткометражни филмови публиката ќе го погледне во вторник од 18:00 часот. Ќе бидат прикажани седум филма, и тоа: „Али“ од Аднан Ал Раџив, „Можеби во март“ од Микел Бјорн Келерт, „Мршојадци“ од Дијан Вејс, „О“ од Рунар Рунарсон, „Семејна недела“ од Херардо дел Разо, „Бели денови“ од Невена Десивојевиќ и „Сино срце“ од Самуел Суфрен. Вечерната проекција (21:00) е резервирана за петиот и последен филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови, „Месечината ми е татко“ од Гиорги Овашвили. Преплетувајќи две автентични приказни од сопственото детство, Овашвили создава сурова, но поетична медитација за комплексноста на односот татко-син. Насловен според стара грузиска песна во која месечината е метафора за татковата фигура, „Месечината ми е татко“ претставува длабоко симболично истражување на простувањето, наследените трауми и болното созревање.
Претпоследниот фестивалски ден, среда, ќе започне во 18:00 ч. со проекција на филм од Ревијалната програма, „Ќе умреш на дваесет“ во режија на Амџад Абу Алала. Приказната започнува со едно застрашувачко пророштво: за време на обредот на именување, еден дервиш предвидува дека малиот Музамел ќе умре штом ќе наполни дваесет години. Абу Алала вешто го користи суданскиот пејзаж – со неговите интензивни бои и остри сенки – за да создаде атмосфера на магичен реализам, каде границата помеѓу овој и оној свет е постојано заматена. По филмот излагање ќе има Илина Јакимовска, антрополог, етнолог, писателка и редовна професорка на Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ во Скопје. Нејзиниот фокус опфаќа историска, визуелна и дигитална антропологија, како и антропологија на телото. Вечерната проекција од 21:00 ч. е посветена на Селекцијата на есеј-филмови, курирана од Ана Дишлиеска-Митова, кога ќе можат да се погледнат следните седум филмови: „Постојан центар на гравитацијата“ од Лилија Тимирзјанова, „Сина планина. Бел облак“ од Мигле Крижинаускаите, „Ќе се разбудам кога ќе се наспијам“ од Сиги Голан, „Ноќните цвеќиња на Дарја“ од Марјам Тафакори, „Слободна верност“ од Даниел Џин, „Град на поети“ од Сара Раџаи и „Вишок живот (и распаѓање)“ од Стефани Легард.
На крајот од проекциите на филмовите од Официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови публиката ќе може да ги даде своите оцени за филмовите и со тоа да придонесе во одлуките за наградите „Златен був“ од публиката во двете компетитивни селекции.
Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страница на фестивалот: pff.mk
Организатор на Филозофскиот филмски фестивал е Филозофското друштво на Македонија, а годинава по јубилеен десети пат институционално е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Македонски



