
Друштво на ликовни уметници на Македонија на 16 мај ќе го одржи своето годишно Собрание, на кое ќе се избира новото раководство на организацијата за мандат од четири години. Собранието ќе се одржи во Домот на АРМ во Скопје, со почеток во 11 часот.
Настанот се организира во годината кога ДЛУМ одбележува 80 години постоење. Во фокусот на дневниот ред е изборот на нов претседател на Друштвото, по претходно распишан конкурс, како и изборот на нови членови на Управниот одбор, Уметничкиот совет и Надзорниот одбор. Гласањето за новото раководство ќе биде тајно.
На Собранието ќе бидат разгледани и извештаите за работата на актуелното раководство за изминатиот мандат. Пред членовите ќе се најдат извештаите на претседателката проф. д-р Јана Манева-Чупоска и на Управниот одбор, како и извештајот за работата на Уметничкиот совет, поднесен од претседателката проф. д-р Маја Рауник Кирков.
Предвидено е да биде разгледан и извештајот за работата на Надзорниот одбор, како и да биде усвоен записникот од последното годишно Собрание одржано во 2025 година.

Македонски


