Skip to main content

300 учесници и врвни експерти ќе учестуваат на 11. Конгрес за ретки болести во Охрид

Македонското здружение за ретки болести со голем гордост го најавува претстојниот „11th Congress on Rare Diseases in Southeastern Europe“, кој ќе се одржи од 7-ми до 9-ти мај 2026 година во Хотел „Гранит“, Охрид.

Под мотото „Кон персонализирана медицина“ (Towards Personalized Medicine), овој конгрес претставува еден од најзначајните научни собири во регионот. Организациониот одбор со особено задоволство известува дека до овој момент се пријавени над 300 учесници, што го потврдува огромниот интерес и релевантноста на темите кои ќе бидат опфатени.

Она што го прави овој настан особено значаен е учеството на еминентни странски експерти, кои заедно со домашните специјалисти ќе ги споделат најновите сознанија, истражувања и современи пристапи во дијагностиката и третманот на ретките болести. Горди сме што успеавме во Охрид да обединиме научна елита од целиот свет. Присуството на реномирани странски предавачи и големиот број на пријавени учесници се доказ дека заеднички го трасираме патот кон подобра иднина и персонализиран третман за пациентите со ретки дијагнози, велат од организацијата.

Конгресот е поддржан од бројни медицински здруженија и институции, вклучувајќи ги Педијатриското здружение на Македонија, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како и многу пациентски организации за ретки болести.

Поврзани вести