Страшните пожари со денови голтаат сѐ пред себе во Лос Анџелес и околината, а повеќе од 100.000 луѓе се евакуирани.
Таму со години живееше актерот Раде Шербеџија, а сега се огласи за хрватските медиуми и откри дека со денови се обидува да стапи во контакт со пријателите, но безуспешно.
– Со денови се обидувам да дојдам до моите пријатели, но телефоните главно не работат. Успеав да стапам во контакт со Мирослав Тадиќ, тој засега е добро. Вели улицата им е како пуст остров, да не зборувам за другите, сѐ е изгорено, па тоа е катастрофа. Навистина ме потресе оваа катаклизма – изјави Раде.
Раде истакнува дека е многу приврзан за Лос Анџелес, бидејќи таму живеел со семејството повеќе од 10 години.
– Pacific Palisades, кој беше целосно опожарен, беше местото каде што живеев пред осум месеци додека снимав ТВ серија со Џеф Бриџис. Па, тоа е страшно, луѓето се целосно избезумени – рече Шербеџија.