Skip to main content

Верските лидери го осудија обидот за палење на синагогата во Скопје

Фејсбук страница на Еврејската заедница во Македонија

Обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува сериозен напад врз мирот, стабилноста и соживотот во државата, оценија Комисијата за односи со верските заедници и лидерите на петте верски заедници.

Во заедничка реакција, прочитана од директорката Оливера Трајковска, тие остро го осудија инцидентот што се случи во раните утрински часови на 12 април и изразија солидарност со Еврејската заедница, пренесе МИА.

Секое посегнување по туѓа светиња, без разлика на верската припадност, значи нарушување на основните вредности – почитта, слободата и човечкото достоинство. Непочитувањето на светињата на другиот е и непочитување на сопствената – беше истакнато на прес-конференцијата.

Оттаму упатија повик до граѓаните да покажат одговорност и разум и да останат чувари на соживотот, нагласувајќи дека меѓусебната почит е една од најголемите вредности што треба да се зачуваат за идните генерации.

На настанот присуствуваа претставници на сите поголеми верски заедници во земјата, кои заеднички испратија порака за единство и осуда на насилството.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, нагласи дека станува збор за изолиран инцидент и дека е поважно да се извлече поука отколку да се шпекулира за мотивите.

Вакви настани не се случиле уште од 1943 година, кога беа депортирани 7.144 македонски Евреи во Треблинка. Никогаш досега не била запалена синагога во Македонија – рече Леви.

Тој додаде дека, и покрај глобалните тензии, верските заедници во земјата досега успешно одржувале стабилност и меѓусебна поддршка, изразувајќи доверба дека институциите ќе ги откријат сторителите и ќе спречат вакви инциденти во иднина.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, истакна дека меѓу верниците нема тензии и дека соживотот во земјата се развива во позитивна насока.

Ваквите појави не произлегуваат од ниту една религија во Македонија. Надлежните институции треба да утврдат кој стои зад овој чин – порача Фетаху.

Поврзани вести