Skip to main content

Судири меѓу израелските и силите на Хезболах, ден по почетокот на израелско-либанските преговори во Вашингтон

Оружени судири меѓу израелската армија и силите на шиитското движење Хезболах имало изутринава и во текот на ноќта, ден по почетокот на историските разговори меѓу израелските и либанските претставници во Вашингтон.

Либанските медиуми јавуваат за жртви во израелски воздушни напади извршени во текот на ноќта и утрото врз цели во јужниот дел на Либан.

Израелската армија не ги коментираше таквите информации, но соопшти дека продолжува со „прецизни копнени операции“ во јужен Либан, иницирани за да го заштитат населението во северниот дел на Израел.

Според Израелските одбранбени сили, израелската артилерија и авијацијата извршиле напади врз припадници на Хезболах и воена инфраструктура во Либан.

Хезболах од своја страна презеде одговорност за неколку напади врз северен Израел.

Израелската армија соопшти дека регистрирала околу 30 проектили истрелани од Либан, при што според израелската служба за итна медицинска помош полесно е повредено едно лице.

Судирите продолжуваат и покрај привременото примирје на блискоисточнот конфликт, што иницираше нов бран судири во Либан.

Во меѓувреме во Вашингтон се одржаа политички разговори меѓу либанската амбасадорка, Нада Хамадех Моавад и израелскиот претставник, Јехиел Лајтер, што е прв официјален директен контакт на претставници на Израел и на Либан по неколку децении.

Американски извори упатени во преговорите оценуваат дека средбите ќе продолжат и би можеле да доведат до „сеопфатен мировен договор“.

Израел настојува преку преговорите да издејствува разоружување на Хезболах, додека либанските власти бараат целосен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од јужниот дел на земјата.

Поврзани вести