Skip to main content

Грлиќ Радман: Формирањето европска војска би било удвојување на работата

Создавањето посебна европска војска во овој момент би значело удвојување на работата бидејќи мнозинството членки на ЕУ се веќе во НАТО, оцени денеска хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, додавајќи дека не верува оти САД ќе ја напуштат Алијансата.

– Се поставува и суштинското прашање за седиштето и командувањето, што е многу комплексно – изјави Грлиќ Радман на собирот на ХДЗ, нагласувајќи дека Хрватска силно ги поддржува трансатлантските односи.

Во однос на изјавите на претседателот Доналд Трамп, кој повторно го нарече НАТО „тигар од хартија“, министерот смета дека станува збор за поттик за поголеми вложувања во одбраната. Тој истакна дека напуштањето на сојузот е долга процедура која ги вклучува Конгресот и Сенатот, па затоа не ја смета за изгледна опција.

Грлиќ Радман се осврна и на критиките од Вашингтон кон членките на НАТО кои не помогнаа во воената кампања против Иран и не испратија сили за повторно отворање на Ормуската Теснина.

– Ние активно се залагаме за безбедноста на пловидбата и за отворањето на Ормуската Теснина, но НАТО како организација за колективна одбрана ретко дејствувал надвор од евроатлантскиот простор – рече тој, напоменувајќи дека за секое дејствување е потребен консензус. Министерот заклучи дека сите вложуваат напори за меѓународен поредок во кој ќе нема судири и војни. 

Поврзани вести