
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека од следната недела се очекува намалување на цените на горивата, врз основа на направените анализи и движењата на светските берзи.
Како што посочи, според пресметките, бензините од 95 и 98 октани би требало да поевтинат за околу 1,5 денари по литар, додека дизел горивото се очекува да се намали за околу 2,5 денари.
Очекуваме регулаторната комисија да донесе одлука со која ќе има намалување на цените, што значи дека бензинот од 95 октани би бил околу 82 денари за литар, а дизелот околу 95,5 денари – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека во овие пресметки не се вклучени дополнителните попусти што ги даваат одредени компании, со што реалните цени би можеле да бидат и пониски.
Премиерот истакна дека државата располага со доволни количини на нафта и нафтени деривати и дека снабдувањето е стабилно, и покрај зголемената потрошувачка која, според него, во одредени денови достигнува и до 30 проценти повеќе од просекот.

Македонски


