Skip to main content

Словенечкиот парламент го избра Зоран Стевановиќ за свој претседател

фото: Фејсбук профил на Зоран Стевановиќ

 Новоформираниот Парламент на Словенија денеска го избра Зоран Стевановиќ за претседател на законодавниот дом, објави словенечката национална телевизија РТВ Сло.

На тајно гласање, Стевановиќ доби поддршка од 48 пратеници во 90-члениот Парламент, со што го надмина потребниот минимум од 46 гласови.

Стевановиќ е лидер на партијата „Ресница“ (Resni.ca), која освои пет пратенички места на парламентарните избори одржани на 22 март. Тој беше единствениот кандидат за функцијата, а неговата кандидатура ја поддржаа петемина пратеници од неговата партија, тројца од десноцентристичката „Нова Словенија“ и тројца од втората по сила партија – Словенечката демократска партија.

По конститутивната седница, Парламентот ги потврди мандатите на пратениците со 62 гласа „за“ и без ниту еден „против“. Со тоа заврши мандатот на претходниот парламентарен состав, како и мандатот на Владата, која отсега ќе врши само технички функции.

Пратеникот од „Ресница“, Неделко Тодоровиќ, изјави дека предлагачите оцениле оти Стевановиќ е кандидат кој може да обедини различни политички опции и да обезбеди нормално функционирање на Парламентот во новиот, десетти мандат.

Во расправата пред гласањето не учествуваа партиите што ја поддржаа неговата кандидатура, додека од левиот центар беа упатени предупредувања дека Стевановиќ не е соодветен за функцијата. Пратениците од „Левица“ и „Социјалдемократите“ најавија дека нема да гласаат, а од најголемата партија „Движење Слобода“ соопштија дека ќе гласаат против.

Според конечните резултати од изборите, „Движење Слобода“ освои 29 мандати, Словенечката демократска партија 28, коалицијата околу „Нова Словенија“ девет, „Социјалдемократите“ и „Демократите“ по шест, додека коалицијата „Левица и Весна“, како и „Ресница“, освоија по пет мандати. Излезноста изнесуваше 70,25 проценти.

„Ресница“, заедно со коалицијата околу „Нова Словенија“ и „Демократите“, формираше десноцентристички „трет блок“ во Парламентот. Во тек се консултации за формирање нова владина коалиција.